Истражувачите од Универзитетот Warwick смислиле нов метод со кој ќе може да се рециклира пластичниот отпад во целост. Досега можеше да се рециклира само околу 12 проценти од пластичниот отпад на домаќинствата, а остатокот се палеше, се закопуваше, дел се користеше како гориво во индустриски постројки или остануваше на депониите за ѓубре.
Инженерите на Универзитетот Warwick дизајнирале едноставен процес за секој тип на рециклирање пластика. Процесот работи на принцип на пиролиза (процес на распаѓање на материјалот на основни градбени елементи со загревање во отсуство на кислород). Резултатите од неодамна спроведените истражувања покажале дека методот може да биде применет на различни видови пластика и притоа се добиваат корисни материјали, кои по пиролизата, можат да бидат издвоени од смесата со едноставен процес на дестилација. Материјалите кои тимот од Универзитетот Warwick успеал да ги издвои од пластичните мешавини вклучуваат: восок кој може да послужи како лубрикант; оригинални мономери, како што е стирен кој може да се користи за повторно производство на стиропор; терефталат киселина која се користи во производството на ПЕТ-амбалажа; метил метакрилат кој се користи во производството на акрилни плочи, јаглерод кој се користи во производството на гума и други јагленосани нус-производи кои може да се продадат. Ова истражување во голема мера може да им донесе средства во буџетите на многу градови, средства кои можат да се искористат за зачувување на животната средина.
Инженерите од Универзитетот Warwick, кои во моментов работат во одделот за развој на технологијата, се надеваат дека нивната работа ќе побуди интерес кај локалните власти и кај компаниите за депонирање отпад. Тие се надеваат дека нивниот прототип на системите за рециклирање ќе послужи како модел за развој на големи системи за обработка на отпад, šшто ќе доведе и до повеќе еколошки прифатливи методи за производство на пластика. Професорот Јан Бејенс (Jan Baeyens), водечки научник на проектот и професор на факултет при Универзитетот Warwick вели:
"Можеме да создадеме голем систем во кој што може да се сместат до 10 000 тони пластичен отпад на годишно ниво. Во текот на годината од него со танкери ќе бидат транспортирани рециклирани хемикалии во вредност до 5 000 000 $. Секој таков систем би донел заштеда од 500 000 долари кои се трошат за одржување на традиционалните јами во кои се фрла отпад. Ова го прави проектот комерцијално остварлив, гарантира брзо враќање на инвестиците вложени за изградба на системот, а згора на тоа ги зачувуваме и нашата планета, луѓето, растенијата и животинскиот свет.