Нил Армстронг, првиот човек кој стапна на површината на Месечината, почина во саботата (25.8.2012 г.) на 82 годишна возраст, од компликации, по кардиоваскуларната оперативна процедура на која бил подложен.
Нил Армстронг беше астронаут и тест-пилот на НАСА во 60-тите и 70-тите години на минатиот век, а во историските читанки влезе како командант на мисија Аполо 11 на 20 јули 1969 година, денот кога кулминираше трката помеѓу САД и СССР за предимство во космосот. На овој ден Армстронг заедно со неговиот копилот Едвин Олдрин Џуниор, познат под прекарот Баз, го упатија месечевиот модул кон Морето на Тишината. По две минути неизвесност, кои се чинеше дека траат цела вечност, придружени со звукот на алармот кој сигнализира дека горивото е при крај, леталото застана на површината, и Армстронг се обрати до Вселенскиот центар на НАСА во Хјустон декларирајќи дека "Орелот слета". Неколку часа подоцна Армстронг стокмен во својот скафандер, од скалите на леталото, непосредно пред да стапне на површината на Месечината, им се обрати и на сите луѓе на планетава изустувајќи ги историските зборови: "Ова е мал чекор за човекот, но гигантски скок за човештвото". Набрзо по ова, на површината на Месечината на Нил му се придружи и Баз Олдрин.
По повод смртта на Нил Армстронг, изјави дадоа сите видни и челни личности на НАСА, како и американскиот претседател Барак Обама. Во продолжение ја пренесуваме изјавата која вчера ја даде Баз Олдрин по овој повод:
"Многу ме растажи веста за починувањето на Нил Армстронг, која ја примив денес. Нил и јас се обучувавме заедно како технички партнери, но исто така бевме и добри пријатели кои секогаш ќе останат поврзани преку нашето учество во мисијата Аполо 11. Кога и да погледнам кон Месечината, се присетувам за моментот пред повеќе од четири децении кога сфатив дека иако се наоѓаме на најголемата оддалеченост од Земјата на која се нашле кои и да било двајца луѓе дотогаш, ние не бевме сами. Речиси целиот свет беше на тоа патување заедно со нас. Знам дека милиони во светот ја споделуваат тагата за смртта на овој вистински американски херој и најдобар пилот кој кога било сум го познавал. Мојот пријател Нил направи мал чекор, но гигантски скок кој го промени светот и засекогаш ќе биде запаметен како симбол за овој момент во историјата на човештвото. Јас искрено се надевав дека во 2019-тата, ние двајцата, заедно со нашиот колега Мајк Колинс ќе присуствуваме на одбележувањето на 50-годишницата од нашето слетување на Месечината. За жал, ова нема да се случи. Но, на овој ден Нил сигурно ќе биде со нас духовно."
Повеќе за првиот човек кој зачекори на Месечината во новиот број на ЕМИТЕР кој моментално е во подготовка.