Дали сте од оние лица кои во текот на жешките летни денови често бараат освежување со вкусен сладолед и ладни пијалаци, дополнително разладени со коцки мраз? Ако е така, веројатно забележувате дека понекогаш од вашите омилени ледени десерти добивате силна главоболка.
За среќа, болката е со краток рок на траење, но група американски научници неодамна го истражувале овој феномен, со цел да се објаснат причините за болката што на многу луѓе им го расипува уживањето во омилениот сладолед или ладниот пијалак. Тие откриле дека кога ладен пијалак, сладолед или коцки мраз доаѓаат во контакт со непцето, нагло се стеснува предната церебрална артерија, односно крвниот сад кој снабдува еден дел од мозокот. Од ова нарушување на дотокот на крв, мозокот се брани со брзо емитување сигнали за проширување на крвниот сад, со цел протокот на крв во артеријата што побрзо да се нормализира.
Научниците ова го нарекуваат процес на одбранбен механизам на мозокот, кој е мошне чувствителен на студ, па се обидува да го зголеми протокот на топла крв. Сепак, бидејќи черепот е затворен сад, наглото зголемување на количината на крв предизвикува силна болка. До овој заклучок дошле тим американски експерти, предводени од Хорхе Серадором од Медицинската школа на Харвард.
Тие спровеле истражување со учество на 13 волонтери од кои било побарано во многу краток интервал да испијат пијалак преку специјална цевка: прво чаша ледена вода, а потоа чаша вода чувана на собна температура. Млазот бил насочен директно кон непцето и поврзан со доплер-апарат, кој го снимал сè она што се случувало во мозокот на учесниците на експериментот. Анализата на снимките покажала дека болката се јавува во моментот кога доаѓа до нагло ширење на предната церебрална артерија.
Затоа, слободно уживајте во своите омилени летни десерти, но земајте сосема мали залаци, и нема да ве боли главата.