Според повеќе докази денес постојат мислења дека животот на Земјата настанал од материјал донесен од астероиди или комети. Ова тврдење се базира на претходни истражувања со кои е утврдено дека аминокиселините се основните градежни елементи на животот. Истражувајќи ги структурите на нивните молекули, научниците дошле до претпоставка дека е можно тие да биле формирани на друго место во универзумот.
Според истражувањата, молекулите од основните елементи вградени во живите суштества можат да се поделат во две групи или верзии, а животот на Земјата користи само една од нив. Како што е познато аминокиселините се спирални молекули кои можат да се формираат со ротација на лево или на десно, и во хемијата нема услови кои одредуваат во која насока ќе се формира ротацијата. Научно е докажано дека без исклучок, велат истражувачите во написот објавен во Astrophysical Journal Letters paper, животот на Земјата ја користи верзијата која ротира на лево.
Од друга страна еден познат експеримент од 1952 година покажал дека електрични искрења над смеса од едноставни хемикалии, слични на составот на Земјата во раниот период, можат да создадат аминокиселини, но во овој експеримент се создале еднаков број на леви и десни спирали. Идејата дека аминокиселините дошле на Земјата преку метеорити создадени од астероиди и комети дава ново сознание според кое можно е животот да дошол, а не да се создал на Земјата затоа што аминокиселините откриени при проучувањето на метеоритите се доминантно леви спирали како што се и спиралите на Земјата!
Астробиологот д-р Даниел Главин од НАСА и неговите колеги решиле да направат дополнителни истражувања и според резултати од нив било утврдено дека голем број на различни типови метеори поседуваат доминантност на леви спирали, што на некој начин ја потврдува тезата дека животот не се создал на Земјата, туку дошол на Земјата.
Она што останува да се утврди е кој е одговорен за доминантноста на молекули со леви спирали создадени во вселената и начинот на кој дошле или се донесени на Земјата. Исто така остануваат неодговорени и други прашања како на пример дали на Земјата стасале и едните и другите видови, а опстанале само лево ориентираните спирали заради условите на Земјата или, пак, молекулите со десно ориентираните спирали се изгубиле на долгиот пат од далечните ѕвездени пространства до Земјата, вели д-р Главин.