Рубрика: Астрономија и астронаутика
Роверот Кјуриосити успешно слета на Марс
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 06.08.2012 - 14:48

Најнапредниот ровер на НАСА Curiosity, за кој пишувавме во два наврати (ЕМИТЕР 7-8/12 – ЕМИТЕР 1/2012) во раните утрински часови по наше време слета на Црвената планета. Патувањето кое заврши со меко слетување траеше 36 недели, а мисијата на Кјуриосити е предвидена да трае три години.
Леталото со Mars Science Laboratory кое го носеше Кјуриосити успешно го спроведе досега најкомплицираното приземјување кое досега е направено врз површината на Марс.
Кјуриосити, засега најсофистицираниот ровер кој некогаш бил изграден, сега е на површината на Црвената планета, каде што ќе трага по одговор на прастарото прашање околу тоа дали животот некогаш постоел на Марс, но и дали планетата може да поддржува живот во иднина.
Администраторот на НАСА Чарлс Bolden изјави: "Ова е неверојатно достигнување, кое го овозможија тим на научници и инженери од целиот свет, предводени од страна на извонредните луже во НАСА и нашата Jet Propulsion Laboratory. Претседателот Обама прикажа храбра визија за испраќање на луѓе на Марс кон средината на 2030, а денешното слетување означува значаен чекор кон постигнување на оваа цел."
Кјуриосити слета во подножјето на планината висока над три километри и долга над 100 километри во внатрешноста на кратерот Гејл. Во наредните две години роверот ќе испита дали регионот било кога нудел услови поволни за микробски живот. Роверот ги испрати и првите слики направени од него на Црвената планета, широкoаголен пејзаж на карпестото тло во близина на предницата на роверот.
Повеќе слики се очекуваат во следните неколку дена, период во кој мисијата ќе ги користи за конфигурирање на роверот за работа, проверка на ефикасноста на инструментите и механизмите, додека спроведува дел од активностите.
ЕМИТЕР ќе продолжи да ја следи оваа значајна мисија на НАСА и ќе ве информира за најновите случувања од неа како тие ќе пристигаат.