Рубрика: На граница на науката
Што е Сина книга?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 31.07.2012 - 11:02

Дали знаете што претставува Проектот "Сина книга"? Се работи за обемно истражување во врска со појавата на НЛО, (неидентификувани летачки објекти) спроведено од страна на Владата на САД во периодот од 1948 до 1969 година. За време на истрагата биле собрани околу 80 000 извештаи од "прва рака" за повеќе од 12 000 видувања на НЛО-а, списи кои вклучуваат описи, цртежи и дијаграми.
Првичното име на проектот било Проект "Знак", потоа е преименуван во Проект "Граџ" (злоба), за конечно во 1952 година да го добие името под кое е познат денес - Сина книга, име инспирирано од сините тетратки кои студентите во САД ги употребувале за писмените испити и кое требало да ја симболизира сериозниоста со која се направени истражувањата. Годината 1952-ра е и година во која се забележани најмногу видување на НЛО-а, дури 1 500 од кои 701 до денес не се разјаснети поради недоволно информации. Останатите имаат еден куп веродостојни објаснувања од светли планети, преку појави на аурора, светла од авиони и рефлектори, па сè до птици.
Проектот "Сина книга" е прекинат во 1969 година по строгите истражувања кои ги спровел физичарот Едвард Кондон, по кои тој утврди дека појавата на НЛО-а нема врска со вонземска цивилизација. Оттогаш Владата на САД официјално веќе не ги истражува појавите на НЛО на нејзина територија. Но, неколку независни американски цивилни групи тврдат дека Владата на САД намерно притаила и сè уште чува во тајност голем број информации врзани за истражувањата на појавите на НЛО-а.

Клучни зборови: