На денешен ден, 43 години Нил Армстронг, командантот на космичкиот брод "Аполо 11" слегол од скалите на Месечевиот модул "Орел" (Eagle) и направи еден мал чекор во Морето на тишината на Месечината, кој го нарекол "голем скок за човештвото", бидејќи тоа бил прв чекор што го направил човек на друго небеско тело.
Почетокот на програмата "Аполо" бил објавен во говорот на тогашниот председател Џон Кенеди пред американскиот Конгрес на 25 мај 1961 година, кога тој ја објавил намерата за испраќање луѓе на Месечината и нивно безбедно враќање на Земјата до крајот на деценијата. Говорот бил одржан само неколку недели по првиот американски лет во Земјина орбита, а неговата цел била остварена по осум години со спуштањето на Нил Армстронг и Едвин Олдрин на Месечината.
Од 1969 до 1972 година, вкупно шест мисии Аполо: 11, 12, 14, 15, 16 и 17 со дванаесет астронаути слетале на Месечината. Аполо 7 и 9 биле летови во Земјината орбита, Аполо 8 бил лет до Месечевата орбита, Аполо 10 бил проба за спуштање на Месечината, без слетување, а спуштањето на Аполо 13 било откажано поради експлозија на резервоарот со кислород, но астронаутите преживеале и затоа оваа мисија е наречена "упешен неуспех".
Оригиналната лента со снимка од видеокамерата поставена на Месечевиот модул, која го снимала стапнувањето на Нил Армстронг на површината на Месечината, е изгубена. Се претпоставува дека била избришана и повторно користена во седумдесеттите години на минатиот век. На сликата е фотографија од мониторот во приемната станица во Австралија во која била примена и снимена оригиналната видеоснимка од спуштањето на Месечината.