Рубрика: Астрономија и астронаутика
Момент за сеќавање
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.07.2012 - 12:44

Приложената фотографија, всушност, е првата слика којашто воопшто е направена на Земјата од Месечината (барем од страна на човекот - би додал некој ☺). Фотографијата е направена во далечната 1966 година од страна на тогашниот Лунарен орбитер 1 и од новинарите во тоа време уште веднаш беше прогласена за фотографија на векот. Фотографијата е направена само 2 години пред екипажот на мисијата Аполо 8 да ја направи една од најпознатите колор фотографии на изгревот на Земјата над месечевиот хоризонт.
Неодамна благодетите на модерната технологија им овозможија на стручњаците во НАСА да го вратат сјајот на оваа фотографија со уште поголема резолуција, реставрирајќи ја од старите податочни извори од магнетните ленти на Лунарниот орбитер. Враќањето во живот и обновувањето на приложената фотографија беше поттикнато пред 20 години од страна на Ненси Еванс, а беше завршено дури неодамна од страна на Денис Винго и Кит Кауинг, коишто го водеа проектот за повраток на податоците од лунарниот орбитер. Фотографиите од ова време имаат повеќе естетска вредност, за разлика од новите HD фотографии со висока резолуција кои овозможуваат истражување на промената на површината на нашиот планетарен сопатник.

Клучни зборови: