Рубрика: Медицина
Отчукувањето на биолошкиот часовник може да се замрзне
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 16.07.2012 - 12:11

Не сте го сретнале партнерот што сте го замислиле, имате материјални проблеми, сакате да се посветите на кариерата, но биолошкиот часовник безмилосно отчукува, проследен со опомените на мајките, бабите, стрините… Ослободување од оваа мора, како и намалување на стресот поради ова, пронајде науката.
По долги експерименти и истражувања, д-р Алан Коперман (Alan Koperman), управник на Одделот за неплодност при Медицинскиот центар Maunt Sinaj, дошол до следниот заклучок: Бројот и квалитетот на јајце-клетките по 35-тата година се намалува, по 40-тата драстично се намалува, а по 45-тата јајце-клетките се речиси неупотребливи, иако сето ова може и да биде поинаку. Што се однесува пак до состојбата со матката, таа е речиси еднаква во дваест и петата и во шеесет и петата година од животот. Врз база на овие факти, а во соработка со корпорацијата "Exstend Fertility", пронајдено е решение со замрзнување на јајце клетките.
Десетина дена жената се третира со хормонска терапија за да се создадат околу дванаесет јајце-клетки. Вадењето на клетките трае десетина минути. Потоа клетките се полнат со "антифриз", течност што спречува кристализација, и се смрзнуваат до минус 196 степени. Смрзнатите јајце-клетки се ставаат во резервоар со течен азот кој е сместен во Бостон. Целата постапка чини од 13 000 до 17 000 долари, а за чување на смрзнатите клетки се плаќа годишно 350 долари. Не е евтино, барем сега-засега. И откако ќе се смирите и ќе го замолчите хорот од баби, стрини и вујни, можете да станете мајка кога ќе одлучите. Успешноста на оплодување во моментов е околу 50%, но науката оди напред.
Ако ви значи нешто моето мислење, сето ова потсетува на замрзнати јагоди да се јадат во зима. Јас сум да се слуша биолошкиот часовник, а јагодите да се јадат свежи.