Рубрика: Медицина
Нови полимерни материјали во наномедицината
Автор: Милена Бојаџиска
Објавено на 13.07.2012 - 11:22

Во компанијата ИБМ постои одделение за добивање и развој на нови материјали со цел да се намали димензијата на компјутерскиот чип, а неговата искористеност да остане иста, па дури и поголема. Во последно време се работи на нови полимерни материјали што дејствуваат како органски полуспроводници или магнети или изолатори.
Овде се обединуваат хемијата и нанотехнологијата и со време се увидело дека новите полимерни материјали би можело да имаат и друга примена, особено во медицината. Секако таа примена во медицината е одговорност на други истражувачки лаборатории што соработуваат со истражувачкиот тим на ИБМ.
Било забележано дека особено еден вид нов полимерен материјал дејствува дестабилизирачки на посебен тип микробактерии, додека здравите црвени крвни зрнца што го пренесуваат кислородот низ телото остануваат недопрени. Освен тоа, тие по природен пат се елиминираат од човечкото тело и не се акумулираат во човековите органи како наночестичките од сребро и титаниум оксид.
Овој нов полимерен материјал во допир со водата од човековиот организам ја менува својата структура и како таков по електростатски пат бидува привлечен од микробактериите, ја разбива нивната мембрана и навлегува во нивната внатрешност и ги разорува. Сето тоа се случува брзо така што микробактеријата не може да се обнови и да даде отпор. Дејствувањето е слично на дејствувањето на нашиот имун систем во борбата со микробактериите. Со овој процес се засегнати особено микробактерии кои не можат да се уништат со вообичаените лекови (антибиотици).
Така се создава нова област во медицината – наномедицина.
Овие нови полимерни материјали може да се употребат во форма на хидрогелови и раствори, така што може директно да стапат во контакт со микробактеријата. Ова е од особена важност при нивната дистрибуција во телото. Но и во форма на тенки филмови нанесени врз деловите што заменуваат човечки делови (како колено или други замени). На овој начин тие не би можеле да навлезат во виталните човечки органи, како што се белите дробови, како наночестичките од сребро или титаниум оксид.
Така, овие нови полимерни материјали имаат широк спектар на примена, од козметика до заздравување на повреди. Овие полимерни материјали би можеле да се користат и како замена на антимикробни агенси во секојдневната употреба, на пример како замена на триклосан во забната паста што во последно време е забранет во Канада, а здравството во САД со години предупредува на негативните последици од него (на сонце би можело да се создадат канцерогени диоксини). Овие полимерни материјали би можеле да се искористат и како апчиња и како генска распределба. Се бараат начини како тие да се донесат директно до туморот.