Рубрика: Медицина
Нетолеранција на храна
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 12.07.2012 - 10:55

Веројатно ќе ве зачуди овој наслов особено кога скокаат цените и има хроничен недостаток на храна на глобален план, но прочитајте го текстот и ќе видите за што се работи!
Секој петти жител на планетата, или 20% од популацијата има проблеми со нетолеранција на храна која се утврдува со тест на крвта, а не станува збор за општо познати симптоми на алергија. Всушност, станува збор за спречување кое не ви дозволува да имате добро здравје, добро расположение или става.
Нетолеранцијата на храна може да нападне кого било и во кое било доба од животот. Без користење на специфични, нови и современи тестови, оваа нетолеранција тешко се открива поради фактот што се јавува после извесно време од земање на одреден вид храна, што ја отежнува врската меѓу симптомите и храната. Слободно може да се каже дека оваа нетолеранција може да се јави како причина на многу состојби, но еве кои се најчести:
- психолошки состојби (хроничен замор, депресија, несоница,тескоба и др.);
- невролошки пречки (вртоглавица, главоболка, мигрена);
- болки во мускулите и зглобовите;
- гастроинтестинални проблеми (дијареа, опстипација, надимање, гадење идр.);
- респираторни проблеми (астма, кашлање, засипнатост, ринитис и др.);
- дерматолошки промени (осип, мозолчиња, акни, егземи, црвенило и други иритации);
- проблеми со регулирање на телесната тежина;
- ослабнат имунитет;
- намалено или слабо дејствување на одредени медикаменти.
Постојат околу стотина тестови за стотина видови храна. Резултатите се видливи после дваесет до шеесет дена од престанување на земање на одреден вид храна, за која е утврдена нетолеранција со тестирање на крвта. На прашањето која храна кои проблеми ги предизвикува одговорот е дека тоа е идивидуално, односно сите не сме нетолерантни на ист начин.
И на крајот еве еден пример на нетолеранција кој е одбран поради фактот што во светот има се повеќе луѓе со зголемена тежина, а покритично е што тој проблем е кај помладата популација.
И покрај најсовесно придржување на најстрога диета килограмите не се намалуваат. Покрај тоа се чувствуваат и други проблеми како премор, безволност, нерасположение, деконцентрација, проблеми со варењето и др. Што се случува? Сето ова е поради прекумерно задржување на течностите во организмот, кои настануваат поради нетолеранција на одредена храна. Тоа е, всушност, обид на организмот да ја задржи течноста со цел да го "разблажи" лошото дејство на храната што не може да ја поднесе и која му создава проблеми. Како резултат на задржаната течност се јавуваат отоци, локални воспалувања и опаѓање на имунитетот. Советот да се внесува што повеќе течност во овој случај не е добар поради тоа што симптомите не се елиминираат. Во примеров организмот тежнее да ја задржи течноста, отоците се зголемуваат, килограмите не се намалуваат.
Значи, кога ќе се забележат одредени здравствени проблеми, а истите не се елиминираат со лекови и вообичаени медицински постапки или диети, најверојатно се работи за нетолеранција на храна и треба да се изврши тестирање.