Обемот на струкот или половината е многу битен за убавиот изглед, но истражувачите велат и за здравјето! Така било утврдено дека половината кај жените не е здраво да биде поголема од 88 cm, а кај мажите повеќе од 101 cm. Во оваа област се наоѓаат многу битни органи: црниот дроб, жолчката, панкреасот, желудникот, слезинката и дел од дебелото црево. Тука е и дијафрагмата, па кога ќе се насобере сало, тоа им пречи на сите овие органи нормално да функционираат.
Но, да се вратиме на поубавиот дел на текстот. Обемот на женскиот струк во последните 60 години се зголемил за цели 15 сантиметри! Една од причините, според истражувањата, е тоа што денес жените не трошат енергија на извршување на куќните работи, како што тоа било кога живееле нашите баби. Без помош на современи апарати, домаќинките во педесеттите години од минатиот век трошеле 1000 калории дневно. Притоа тие сами го чистеле станот, переле на рака, шиеле, плетеле, ткаеле, работеле во градината... Во тоа време просечниот обем на струкот бил 71 cm. Денес просечниот обем е 86 cm и се доближува до критичните 88. Исто така кога ќе се спореди стилот и начинот на живеење, денешните жени многу повеќе време поминуваат во седечка положба на работа и дома.
Во минатото, припадничките на понежниот пол биле поактивни, но и помалку јаделе. Тогаш тие внесувале 1820 калории дневно, а денес внесуваат 2178. Како и да е, внимавајте на обемот на струкот. Ќе бидете и здрав и убави, а има ли некој кој не го посакува тоа.
Мерењата се спроведени во Велика Британија по повод одбележувањето на дијамантскиот јубилеј на владеењето на кралицата Елизабета II.