Поседувањето на компјутер со вистинска вештачка интелигенција кој ќе биде во можност да одговори на секоја вербална или гестикуларна команда на сопственикот е долг, да не речам децениски сон на секој закоравен "сај-фај" почитувач. Па, оние кои се доволно среќни да го поседуваат iPhone 4S со Сири можат да искусат барем дел од овој сон.
Но, не сосема. Да, точно, Сири може да закажува состаноци, да дава остроумни забелешки и да одговори на куп прашања поврзани со филмот, музиката, познатите, сè со помош на додатокот Волфрам Алфа, но тој има еден голем недостаток – за да ја "послуша" командата, вашите раце мора да бидат околу вашиот телефон и да притиснат врз одредено копче на дисплејот. Ама, кога некаде во главата си ја замислувавме иднината во "si-fi"-стил, комуникацијата со паметниот компјутер кој ги извршува сите задачи беше преку гласовни команди, нели?
Па токму од овие причини, "најкул" сајтот од сите "штреберски" сајтови, ThinkGeek го создаде Iris 9000, кој претставува модул за подобрување на гласовна контрола за iPhone и Сири. Едноставно ставете го вашиот iPhone во лежиштето на Iris 9000 и користите ја вклучената микро далечинска контрола со помош на која ќе може да го активирате Сири на далечина до 50 метри. Само допрете еднаш врз копчето од далечинската контрола Iris 9000, почекајте го звучниот сигнал кој го означува вклучувањето на Сири и изговорете ја вашата команда. Вградениот микрофон на Iris 9000 го регистрира вашиот глас од другата страна на собата, додека неговите звучници го засилуваат гласовниот одговор на Сири. Покрај ова, можете да го користите Iris 9000 како стандарден интерфон.
Да не заборавиме, сјајното око на Iris 9000 трепери во склад со гласот на Сири, па така што сличноста со HALL 9000 од Одисеја 2001 е повеќе од неодолива.
Ирис 9000 се напојува преку 120-240V AC адаптер, а недостаток е тоа што засега е компатибилен само со споменатиот iPhone 4S. Направата чини 60 долари.