Рубрика: Геологија
Климата ги движи континентите
Автор: Петар Лагудин
Објавено на 04.07.2012 - 12:03

Земјината кора се состои од повеќе крути тектонски плочи, кои меѓусебно се поместуваат и се судираат вовлекувајќи се една под друга, па на нивната периферија настануваат деформации, и на тој начин се образуваат планински венци. Така, се знае дека Хималаите, Алпите и Уралските планини се во директна врска со судир на две континентални тектонски плочи. Освен наведените издигнувања на планински венци, движењата на текстонските плочи ги преобликуваат и океаните, а со тоа вршат влијание и врз климата. Меѓутоа, неочекувано, врската меѓу поместувањето на тектонските плочи и климата исто така се затвора и по еден друг пат: имено, во месец април 2011 год., една група научници под раководство на Џанпјеро Лафалдано (Gianpiero Laffaldano), геофизичар на Австралискиот национален универзитет во Камбера, излегле со информација дека монсунските ветрови и дождови, кои циклусно владеат на Индискиот полуостров, го забрзуваат поместувањето на индиската тектонска плоча кон север, т.е. кон Кина.
Да објасниме, во текот на изминатите 10 милиони год. или слично, движењето на индиската тектонска плоча – која заривајќи се во Евроазија ги формирала Хималаите – до денес ја зголемила својата брзина на поместување за 20%. Зошто? Објаснувањето на механизмот кој го предизвикува тоа забрзување, ни го дава водачот на групата, Лафалдано, покажувајќи со компјутерска симулација дека ова забрзување може да се објасни со дејството на монсунските ветрови и дождови, кои во текот на истиот тој период значајно се интензивирале. Податоците од поместувањето на индиската тектонска плоча и од климатските услови Лафалдано ги внесе во компјутер, а компјутерската симулација покажа модел според кој цврстите земјени форми, слични на Хималаите, го "кочат" поместувањето на тектонската плоча кон север, принудувајќи ја постепено да запира. Меѓутоа Монсунските ветрови, кои дуваат со силен интензитет во тој регион, перманентно однесуваат далеку дел од површинскиот материјал настанат по пат на ерозија, и на тој начин перманентно ја редуцираат масата на тој планински регион, а тоа го намалува "закочувањето" на тектонската плоча, па таа се забрзала.
Следното коешто Лафалдано има намера да го реализира е да проучува и други планински региони, такви како Андите, за да види сличен шаблон кој ќе ја поткрепи неговата констатација.