Од 25 до 26 јуни во Сан Франциско корпорацијата Интел по десетти пат ја одржа годишната конференција за истражување на која ги претстави последните иновации и достигнувања.
Пред околу 150 новинари од 40 земји компанијата ја откри својата визија за тоа како ќе изгледа човечкото искуство со технологијата во следните десет години нудејќи повеќе концепти, дизајни и прототипови излезени од лабораторијата на Интел. На отварањето на конференцијата во а центарот Јерба Буен извршниот технички директор на компанијата, Џастин Ретнер, обелодени дека Интел досега вложил 100 милиони долари во седум истражувачки центри, а последниот од нив е фокусиран на т.н. “social computing”. Ова е првиот центар целосно посветен на истражувањето на иднината на човечката интеракција со технологијата.
Судејќи по прикажаното, компанијата работи на подобрување на користењето на технологијата во многу полиња од секојдневниот живот - во домот, во автомобилот, на работното место, во трговските центри итн.
Еден од изложените концепти беше “Живот без клучеви” во кој лозинките веќе не се потребни бидејќи вашиот дом ве препознава и ви ја отклучува вратата, а автомобилот самиот се стартува.
Доколку вашата дестинација е тргвоскиот центар тогаш ќе можете за секунда да “пробате” било која облека преку “Виртуелната гардероба” во која со помош на 3Д камери добивате ваш аватар во виртуелното огледало. Интел ја испробува оваа технoлогија и во “Аватар видео чет” каде можете да изберете било каков карактер да ги имитира вашите фацијални експресии додека зборувате.
Доколку сте фан на СФ филмот “Малцински извештај” тогаш ќе ви се допадне концептот “Интерактивни содржни” кој ги претвара празните ѕидови од вашиот дом или канцеларија во интерактивни дисплеј површини.
Автомобилот на иднината според Интел ќе биде активен учесник во поврзаниот свет на луѓето, ќе пребарува на интернет, ќе создава свои бази на податоци и на возачот ќе му нуди опции за неговите потреби. Една од технологиите што предизвика голем интерес на конференцијата беше уредот за видливост преку дожд. Овој уред, кој Интел очекува да се најде во автомобилите во следните неколку години, ги препознава дождовните капки и снегулките и селективно исклучува светлосни зраци од фаровите за да ја подобри видливоста за возачот.
Можеби универзалниот преведувач од серијалот “Ѕведени патеки” се уште е далеку од реалноста, но Интел го претстави “Паметниот асистент за состаноци” кој го претвара говорот во текст и со помош на пребарувачот Бинг симултано го преведува на посакуваниот јазик.
Во рамки на конференцијата за истражување, која традиционално се одржува во јуни, корпорацијата одржа и меѓународен ден со новинарите и ги покажа последните прототипови на персонални компјутери во т.н. конвертибилни форми, односно комбинација од лаптоп и таблет.
Исто така, Интел зборуваше и за својот ангажман во подобрувањето на употребата на компјутерите во образованието претставувајќи ги своите проекти во повеќе земји, меѓу кои е и Македонија.