Рубрика: Астрономија и астронаутика
10 факти за нашата планета кои можеби не сте ги знаеле
Автор: Андреја Бабамов
Објавено на 27.06.2012 - 10:18

1. Кое е најтоплото место на Земјата?
Ако веднаш помисливте Сахара - во право сте. На 13 септември 1922 година, во Ел Азизија во Либија биле измерени точно 57,8°C.
2. А најладното место?
Нормално дека би очекувале на еден од половите. На јужниот земјин пол (Антарктик), на 21 јули 1983 година во станицата Восток биле измерени -89°С. Инаку, Восток се наоѓа веднаш до Земјиниот јужен магнетен пол.
3. Што ги предизвикува громовите?
Секако дека тоа е молњата, но како? Воздухот околу самата молња се загрева до температура пет пати повисока од таа на површината на Сонцето (6000°C), што значи неверојатни 30 000°C. Ова ненадејно загревање го тера воздухот да се шири побрзо од брзината на звукот, што доведува до компресија која формира ударен бран. Овој бран го слушаме како "гром".
4. Дали камењата можат да лебдат?
За време на вулканска ерупција, наглото одделување на гасот од лавата предизвикува создавање на "сунѓерести", шупливи камења, полни со меури од гас. Геолозите тврдат дека некои од овие камења можат да лебдат.
5. Дали камењата можат да растат?
Да, но гледањето како бојата се суши е далеку побрзо и поинтересно ;-). На подводни карпести терени можат да растат т.н. железно-манганитски кори. Овие кори го црпат својот материјал од морската вода, растејќи еден милиметар на секои милион години. Вашите нокти растат исто толку на секои две недели.
6. Колку вселенска прашина паѓа на Земјата секоја година?
Проценките се разликуваат од автор до автор, но еден извор вели околу 1000 тони прашина секоја година влегуваат во нашата атмосфера и полека го наоѓаат својот пат до површината. Некои научници тврдат дека од вселената паѓаат и микроби, но за ова нема потврда.
7. До каде може да стигне прашината што ја носи ветерот?
Едно истражување од 1999 година покажало дека прашина од Африка може да стигне до Флорида (САД). Во Северна Африка, со помош на вертикални ветрови, прашината се издигнува до висини од 6 km, каде ја зафаќаат други ветрови што ја носат дури до Северна Америка. Исто така, прашина од Кина може да стигне до Северна Америка.
8. Кој е највисокиот водопад на Земјата?
Водата од Ангелските Водопади во Венецуела паѓа од висина од 979 метри.
9. Кои два града се осудени да се судрат?
Лос Анџелес се движи накај Сан Франциско со брзина од 5 cm годишно. За околу 15 милиони години едниот град ќе биде предградие на другиот.
10. Дали Земјата е сфера?
Бидејќи Земјата е пофлексибилна одошто се мисли, нејзината ротација предизвикува таа да се испакнува на средината, добивајќи облик на тиква. Оваа испакнатина константно се намалувала во текот на минатите векови, но неодамнешни истражувања покажуваат дека таа моментално расте. Тоа е заради забрзаното топење на Земјините глечери.