Рубрика: Информатика
Виртуелна тастатура – вторпат
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.06.2012 - 10:49

Дали се сеќавате на неверојатниот изум од пред некоја година во вид на пенкало-компјутер? Па, на некого некаде ова му се видело како доста згодна идеја. Резултатот е најновиот додаток првенствено наменет пред сè за употреба на таблет-компјутери и паметни телефони. Се работи за ласерска виртуелна тастатура во форма на коцка која во продажба можете да ја најдете на сајтот ThinkGeek познат по слични неконвенционални производи. Со оваа направа гарантирано ќе го привлечете вниманието на сите во околината штом истата ќе ја извадите од џеб и ќе ја ставите во "погон" за да напишете некоја (хм,..) итна e-mail порака на вашиот таблет, паметен телефон, лаптоп.
Малиот уред е со форма на коцка и со димензии на поголемко кутивче за кибрит. Тој ласерски ја проектира тастатура на која било рамна нерефлектирачка и непроѕирна површина. На сликата која се проектира на површината чукате како и на секоја друга "нормална" тастатура, а доживувањето е дополнето со симулирани звуци на притисок на копчиња од тастатура. Виртуелната тастатура има 63 копчиња и нуди иста комоција како секоја тастатура со нормална големина. Копчињата имаат QWERTY распоред со што дополнително се зголемува брзината на чукање која е блиска до брзината при користење стандардна тастатура.
Уредот е компатибилен со повеќето паметни телефони и таблет-системи на кои се поврзува преку блутут HID или USB 2.0. Со тастатурата можете да работите околу 150 минути, колку што држи вградената обновлива батерија на полнење од 700 mAh. За користење на тастатурата не е потребно инсталирање дополнителни управувачки програми, а работи на речиси сите оперативни системи.
Цената на ова чудо е (хм,... ках, ках) ситница – "едвам" 179,99 американски долари.