Мајкрософт се поврза со Енциклопедија Британика со цел резултатите на неговиот пребарувач Бинг да станат порелевантни и "понабиени" со знаење. Со овој потег, на пребарувачот ќе се појавуваат кратки резимеа од темите од енциклопедијата врзани со некои од резултатите на пребарувањето. Корисниците на Бинг сега можат да забележат во резултатите од пребарувањето една мала рамка каде што пребарувачот прикажува краток збир на факти врзани со темата на пребарувањето. Но, како што милуваат да кажат на телешоп, ова не е сè! Бинг исто така обезбедува и линкови до други референтни извори, како што се Википедија, Qwiki, и Freebase.
Во моментов оваа поп-ап функција сè уште не се јавува кај сите термини кои се пребаруваат. Но онаму каде што недостасува прозорецот со содржини од Британика, содржините сепак се појавуваат како регуларен резултат од пребарувањето, но без притоа да бидат поинаку истакнати. Всушност, некои од нив не се појавуваат ни меѓу првите неколку пребарувачки резултати.
Имајќи предвид дека на почетокот од оваа година Британика прекина со издавање на своето печатено издание, овој потег сигурно ќе ја зголеми нејзината популарност.