Во просек, секоја година во еден стан се наталожуваат околу 15 кг прав. Се разбира, педантните домаќинки се обидуваат да исчистат сè, но траги остануваат на помалку видливи и тешко достапни места. Правот е совршено засолниште за разни микроорганизми, а пред сè за грини.
Овие невидливи непријатели кои грозно и страшно изгледаат зголемени, кај човекот можат да предизвикаат тешки алергиски реакции: од кивање, чешање на слузокожата на носот и проблеми со синуси, па сè до астматични опасни напади.
Грините вообичаено се собираат во перници и душеци, како и во делови од кожата и косата на човекот бидејќи им одговара таква микроклима, а таму си наоѓаат храна со која се хранат. Редовното перење на постелнината, перниците, ќебињата, јорганите и душеците може само да го ублажи овој проблем, но не и целосно да ги уништи микроорганизмите.
Пролетта и летото се идеални за да се уништат грините на долг рок, бидејќи сончевите зраци се смртоносни за нив и тотално ги уништуваат. Искористете ги летните месеци за сонцето да навлезе во вашата спална соба, ослободете се од трагите на влага во домот и имајте на ум дека грините се размножуваат особено во топло и влажно живеалиште. Постојат и специјални средства против овие мали напасници, во вид на спрејови. Силното тресење или вшмукување исто така е ефикасно. Исто така, внимавајте температурата во спалната соба да не биде повисока од 22 степена, а оптималната влажност да е до 45 проценти.
За да се спасите од овие мали чудовишта во вашиот дом, правот секогаш бришете го со благо навлажнета крпа со микровлакна.