Рубрика: Информатика
Новите Chromebook и Chromebox достапни во САД
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 20.06.2012 - 15:04

Минатиот месец Самсунг ги лансираше новите Chromebook и Chromebox во САД. Најновиот додаток кон семејството Chromebook лаптопи е серијата 5500, додека Chromebox го претставува првиот Неттоп кој работи исклучиво на оперативниот систем на Гугл, Chrome OS.
Во срцето на серијата лаптопи 5500 се наоѓа Intel Core процесор, но интересно е за што производителот не ја наведува точната ознака на моделот. Лаптопот се одликува со екран од 12,1 инчи кој има резолуција од 1200 x 800 пиксели, можност за Wi-Fi, Gigabit Ethernet, две USB порти, 4GB RAM меморија, слот за мемориска картичка, додека 3G модемот може да се вклучи во пакетот по избор. Почетната цена за серијата 5500 е 450 американски долари.
Chromebox се одликува со слични карактеристики, со тоа што има 4 дополнителни USB порти, Bluetooth 3.0 и DVI порта. Ова "џиџе" доаѓа по цена од 330 американски долари.
Иако во Гугл се оптимисти во поглед на нивниот операциски ситем, компјутерите во чија основа се наоѓа Chrome OS засега немаат некој значителен успех на пазарот. Ова пред сè се должи на тоа што Гугл го форсира складирањето на податоци во облак, каде што исто така се наоѓа и оперативниот систем Chrome OS, па така ниту еден од овие уреди нема хард диск, што кај корисниците не стои добро. Втор недостаток е тоа што за да се користи секој од овие уреди, потребен е минимум брз 3G интернет пристап, што во голем дел од светот, па дури и во руралните средини на побогатите држави е проблем. Но, во Гугл се оптимисти, бидејќи користењето на "облакот" станува сè побезбедно и побезбедно, па очекуваат и закоравените скептици наскоро да не можат веќе да одолеат на неговата употреба.