Рубрика: Автомобилска техника
Шлем со ладење за моторџии
Автор: Калина С. Андонова
Објавено на 15.06.2012 - 12:17

Топлите денови се како создадени за оние кои се љубители на возење со мотор. Факт е дека прошетките со мотор се убави, а допирот на човекот со природата е најголем, но, исто така, факт е дека многумина од овие вљубеници доста чето страдаат, дури и фатално. Минатата година британските креатори објавија дека е дизајниран необичен шлем за ладење на мозокот, наречен "термашлем" кој ќе може да спасува илјадници животи секоја година. Овој šшлем функционира како инстант-мраз, кој најчесто се става на главата на повредениот после паѓањето од моторот. Со ладење на мозокот, шлемот може да го намали ризикот од долготрајни оштетувања како последици од повредите на мозокот и дури да спаси живот.
Џулијан Престон, пронаоѓачот на шлемот, кој патем е и голем вљубеник во возење на мотор, тврди дека неговата идеја е мошне инвентивно решение. Тој вели: Морам да признаам дека кога првпат ја спомнав идејата, сите ме гледаа чудно и не ми веруваа дека ќе го направам овој дизајн. Идејата ми дојде кога со еден мој пријател играв кошарка и кога случајно во играта му ја повредив главата удирајќи го со мојот лакот. Веднаш му ставив неколку пакетчиња мраз на главата со цел да му се намали болката и отокот. Бидејќи јас му го држев мразот на главата, речиси ми смрзнаа рацете, па ги ставив пакетчињата во неговиот шлем, а тој без да види што има во него си го стави на главата. Во тој момент ми се роди идејата за дизајн на шлем со ладење, бидејќи очигледно дека таков шлем е решение за ситуацијата.
Џулијан Престон две години ја развивал својата идеја во иновативниот центар "Сасекс" во Брајтон. Неговиот пронајдок - новиот шлем, содржи два хемиски пакети, кои се вградени во поставата на шлемот. Едниот пакет содржи вода, а другиот амониум нитрат. Откако двете супстанции ќе се измешаат, доаѓа до хемиска реакција како резултат на која се добива ниска температура и ладење. Оваа реакција трае околу 45 минути, доволно време за да се стабилизира температурата на мозокот и со тоа да се намалат штетите и да се зачувува мозокот и неговите функции при несреќата. Џулијан Престон смета дека неговиот концепт за шлем со ладење ќе почне да се применува и во изработка на шлемови за воени цели, кои би ги носеле војниците, бидејќи и тие многу често се изложени на повреди на главата од разни причини. Исто така, некои лекари и истражувачи сметаат дека ваков некаков шлем би бил корисен и при транспорт на пациенти со излив на крв во главата од мозочен удар или од некои други причини или повреди.
Продажбата на овој нов šшлем започна кон крајот на минатата година и истиот чини 299 фунти. Евтин не е, ама здравјето и животот се многу поскапи. Со обичен или со шлем со ладење, бидете претпазливи ако возите мотор. Претпазливоста, внимателното возење и умното однесување се, сепак, најефикасниот "ШЛЕМ".