И двогледите веќе не се она што беа! Од воајерска алатка, преку уред за истражување на природните појави до воена опрема, преминаа во еден друг домен, а нивните особини се збогатија. Најновиот модел на специјален двоглед, наречен "Light Speed", нуди многу повеќе од крупен план и зголемена слика, бидејќи овозможува размена на гласовни и видеопораки со други корисници. Опремен е со приклучоци за USB и интернет-конекција. Системот кој е вграден во специјалниот двоглед "Light Speed" за комуникација користи LED диоди, и е реализиран слично како далечинските управувачи кај телевизиските приемници. Оваа метода досега користела ласерски зрак. Најбитно од сè е што зрачењето од LED диодите е потполно безопасно за човечкиот организам, а посебно не е штетно за човечкото око, според тврдењето на Лео Волфсон (Leo Wolfson), претседател на “Torry Pines Logic”, компанијата која го произведе овој специјален двоглед.
Од двете страни на двогледот има додатоци кои ги преклопуваат окуларите. Од десната страна на двогледот доаѓа оптичкиот зрак, а од левата страна е приемникот. Кога еден од корисниците ќе го насочи двогледот кон другиот корисник (објект) и обратно, се овозможува размена на податоци, кои, всушност, се аудио и видеоинформации. Дистанцата на која може да се реализира оваа комуникација зависи од јачината и квалитетот на употребениот оптички систем во двогледот. Производителот потенцира дека преносот на податоци со светлосен зрак од LED диоди не може да се детектира, за разлика од комуникација остварена со електромагнетни бранови. Специјалниот двоглед веќе се тестира од страна на американската армија и покажал позитивни резултати. Како резултат на тоа до производителот веќе има порачки од страна на американската армија и од специјалните вооружени единици на некои други земји, но производителот се надева дека корисници на овој производ ќе бидат и цивилни потрошувачи. Претпоставуваат дека двогледот "Light Speed" ќе има широка примена и на аеродромите, каде што честопати доаѓа до мешање на радиосигналите од авионите и оние кои доаѓаат од контролата од земјата, што доведува до отежната комуникација меѓу контролната кула и пилотот. Друга примена на специјалниот двоглед "Light Speed", според Волфсон, би била во уредите и агенциите за следење и прислушкување, но и во средини каде не може да се реализира комуникација со помош на кабелска конекција. Инаку, двогледот "Light Speed" тежи околу половина килограм, оптичкиот домет му е два километра, а трансферот на податоци се реализира со фантастична брзина од речиси милијарда бита во секунда!