Рубрика: Астрономија и астронаутика
Сувенир од месечината, цена ситница
Автор: Александар Тошоски
Објавено на 14.06.2012 - 14:15

Во 1972 година познатата фирма Паркер, како дел од промотивната програма на програмата Аполо за лет на Месечината направила три наливни пера, модел 75. Тие, освен дршката биле целосно изработени од титаниум. На нив била поставена златна плочка со натпис "Траги од Месечев материјал, Аполо 15".

На неа била втисната месечева прашина која, како што кажува натписот, била собрана за време на мисијата на Аполо 15 од астронаутите Џејмс Ирвин (James Irwin) и Дејвид Скот (David Scott). Најпрвин се мислело дека се направени само три вакви наливни пера, по нарачка на американскиот Стејт департмент. Едно од нив му е подарено на тогашниот американски претседател Ричард Никсон (Richard Nixon), додека другите две Никсон му ги подарил на градоначалникот на Шангај и генералниот секретар на Комунистичката партија на Кина за Шангај за време на неговата посета на Кина.

Подоцна се дознало дека фирмата Паркер направила уште две вакви наливни пера, од кое едно било продадено на аукција во Чикаго во 2000 година за 4500 долари. Перото било препродавано уште неколу пати, последен пат во аукциската куќа Бохам во Лондон, каде што достигнало цена од 26500 долари! Анонимниот купувач изјавил дека има намера да го зачува наливното перо.

Колку што е познато, месечевата прашина вградена во него е единствен месечев материјал во посед на "обични цивили". На сликите се прикажани наливното перо во презентациска кутија кое е подарено на кинеските официјални лица и тоа продадено на аукцијата во Лондон.

Клучни зборови: