Истражувачот Џон Спратли од Универзитетот во Бирмингем тврди дека произвел чип кој ги "чита" мислите и со кој може да се менуваат каналите на телевизорот, да се контролира работата на компјутерот и да се гаси светлото.
Минијатурниот сензор, вграден во главата и сместен на површината на мозокот работи така што ги фаќа електричните сигнали на нервните клетки од мозокот, а потоа преку безжична технологија ги проследува до рецепторот вграден во компјутер кој контролира неколку едноставни уреди. Според Џон Спартли, чипот е произведен со цел да им помогне на луѓето кои страдаат од тешки пореметувања, кои не можат да се движат и не можат да ги движат рацете поради оштетувања најчесто на 'рбетниот мозок, со медицинска терминологија кажано параплегичари и квадриплегичари. Неможност на движење на рацете или нозете или и на сите екстремитети може да биде последица и на доста други болести, како што е мозочен удар, детска парализа и др. Иако овие луѓе не можат да ги движат своите екстремитети, ако нивниот мозок и понатаму произведува сигнали за движење, тие сигнали во вид на мисли за движење, според пронаоѓачот Спратли, можат да бидат фатени и искористени.
Британскиот научник вели дека станува збор за прв чекор во правец на развој на технологија која може да ги прочита мозочните сигнали и истите да ги претвори во движења. Лабораториските тестови од работата на прототипот дале позитивни резултати. Останува "телепатскиот " чип да ја добие неопходната дозвола за тестирање на луѓе, бидејќи досегашните експерименти се вршени на животни. За експериментот се јавиле многумина, меѓу нив има доктори на науки и професори на универзитети, кои се параплегичари или квадриплегичари.
Прв чекор, па сè почнува со првиот чекор и напредокот и надежта и вербата! Решение сигурно ќе има.