Сигурно сте прочитале некаде и некогаш за верноста на лебедите, кои љубат еднаш и засекогаш и неретко извршуваат самоубиство по смртта на својата избраничка. Веројатно сте прочитале за пингвините кои се додворуваат носејќи и убави камења на својата избраничка.
Еве сега дознајте дека делфините, исто како и човекот го освојуваат и придобиваат женското, во случајов делфинско срце, носејќи и "букети" од морска трева на саканата. До овој заклучок дошле д-р Тони Мартин од Британскиот истражувачки центар за Антартикот при Универзитетот во Кембриџ и д-р Вера да Силва од Националниот истражувачки институт на Амазон. Тие полни три години го проучувале однесувањето на делфините во Бразил, Венецуела и Боливија. Тие забележале дека делфините во устата носат мали букети од морска трева и тоа само кога се вљубени и се во близина на избраничката. Носеќи им букети, тие им се додворуваат и ги придобиваат за парење.
Научниците сметаат дека овие сознанија, имаат големо значење и важност, бидејќи отвораат ново поглавје за разбирање и проучување за однесувањето на овие интелигентни цицачи. Посебно е интересно што досега се сметало дека само луѓето и шимпанзата им носат цвеќе на припадничките од другиот пол кога им се додворуваат. Истражувањата покажале дека делфините се препознаваат себеси во огледало, но нема податоци дали и се "дотеруваат" пред состанок?!
Шегата на страна, овие суштества на повеќе начини,покажуваат дека поседуваат некакви интелектуални способности и дека се "свесни" за своето постоење и своите "емоции".
Се надевам дека во одредени моменти и прилики ќе се потсетите на однесувањето на делфините и ќе израдувате некој, барем со еден цвет.