Рубрика: Астрономија и астронаутика
Пустината Атакама
Автор: Адријан Божиновски
Објавено на 07.06.2012 - 10:53

Ова е слика на пустината Атакама во Чиле. Добиена е со помош на камерите на сателитот Енвисат (Envisat) на Европската вселенска агенција (ESA). Ова е една од поуспешните фотографии на најсувото место на Земјата, надвор од сувите долини на Антарктикот.
На запад оваа пустина е ограничена со Пацификот, а на исток со планинскиот масив Анди. Ваквата поставеност на теренот доведува до тоа над пустината да врне дожд два до четири пати на сто години. Постојат дури и места во пустината каде никогаш не е забележано врнење на дожд.
Единствениот начин на кој растителниот и животинскиот свет во оваа пустина добиваат влага е преку густата магла, која се нарекува каманшака (camanchaca). Таа настанува кога студениот воздух, кој патува со морските струи кои настануваат на Антарктикот, ќе се судри со потопол воздух на географската ширина на пустината Атакама. Оваа влага буквално се "жнее" од страна на целокупниот жив свет во пустината, вклучувајќи ги и луѓето што живеат таму, кои користат т.н. "мрежи за магла", преку кои влагата ја заробуваат и ја претвораат во вода за пиење.
Самата пустина претставува висорамнина, прекриена со наноси од лава и базени на сол. Белиот регион на сликата, под центарот, е Солената Рамнина на Атакама, која се наоѓа непосредно јужно од селото Сан Педро (San Pedro de Atacama), кое се смета за центар на пустината. Пустината е богата со бакар и нитрати, и е прошарана со напуштени рудници. Поради богатството што го содржи, била предмет на конфликти меѓу соседните држави Чиле и Боливија. Панамериканскиот автопат ја сече пустината во правец север-југ.
Поради своите единствени карактеристики, Европската јужна опсерваторија (European Southern Observatory - ESO) е лоцирана токму во пустината Атакама, бидејќи на астрономите кои се таму стационирани им нуди изолираност и сув воздух. Условите во оваа пустина се земаат како пример за тоа какви би биле климатските и географските услови на Марс, при што можат директно да се набљудуваат и испитуваат можностите за постоење живот на црвената планета.