Почитувани,
Емитер читам и купувам редовно од 2003 година. Во секој број внимавам на правописот во изданието. Емитер за мене важи за списание кое го пишуваат образовани граѓани на Македонија. Не можам да не ви забележам на последниот број – особено на написите од Невенка Стојановска. Упорно го користи зборот “билиони”. Нема “билиони”, туку има “милијарди”. Кај е лекторот на Емитер да корегира? Од тоа што чувствувам одбивност од правописот на Невенка Стојановска, често ги игнорирам нејзините написи. Не сакам во списанието да сретнувам непостоечки зборови или скопјанизми. Разбудете го лекторот од зимски сон за да си ја врши работата и пишувајте квалитетни написи без да сретнуваме зборови карактеристични за Скопје или карактеристични за сомнително образовани луѓе. Написите од Петар Лагудин се прекрасни, од Владимир Филевски исто така.
Исто, имавте грешка во шемите за релаксациски осцилатори со NE555 со променлив однос импулс/пауза. Не памтам дали грешката беше во тоа што имаше нацртано вод кој не треба да го има или фалеше вод кој треба да го има. Дополнително, написите од Ива Зафировска се со измешан редослед на зборовите или нејасни и морам да дешифрирам која е пораката на реченицата.
Ви посакувам успех во лекторирањето и во работата.
Зоран Јанкулоски
Почитуван г-не Јанкуловски,
Вашето писмо, особено со забелешката за зборот “билиони”, прилично нè зачуди, бидејќи на сите во Емитер (авторите, уредништвото и лекторката) добро ни е познато двојното значење на тој збор. Зар е можно на авторот и неколкумина кои ги читаме написите пред објавување да ни се протнал таков пропуст, и тоа неколкупати, како како што велите? Затоа направив внимателна проверка и еве ги резултатите:
1. Во последниот број, но и во последните 4 броја на Емитер никаде не е употребен зборот “билион”. Според тоа Вашата забелешка дека во последниот број на Емитер на неколку места е употребен зборот “билион” (и тоа погрешно) е целосно неточна.
2. Претпоставив дека сте се збуниле и Вашата забелешка не се однесува за списанието туку за онлајн-вестите. Направив пребарување и низ онлајн-вестите и најдов две вести од месец мај оваа година, во кои е спомнат зборот “билион”. Тоа се:
Забавена снимка на светлински пулс https://emiter.com.mk/vesti/18397
Чекор напред кон преносливи атомски часовници https://emiter.com.mk/vesti/18404
Меѓутоа и во двете статии зборот “билион” не е погрешно употребен за да означи милијарда (109), како што Вие мислите, туку за да го означи бројот 1012 и тоа е јасно напишано – во првата статија во загради стои појаснувањето дека тоа е 1012, а во втората зборот “билион” се поврзува со префиксот Тера кој, како што е познато, означува 1012.
Тука сметам дека е потребно да дадам појаснување во врска со употребата на зборот “билион”. Имено, зборот “билион” постои и се користи во континентална Европа и во англосаксонските земји (САД и Обединетото Кралство), но со различни значења. Во англосаксонските земји со зборот “билион” се означуваат 1000 милиони (109), а тој број кај нас (во Европа и поголемиот дел од светот) се нарекува милијарда. Во Европа и во поголемиот дел од светот зборот “билион” означува 1000 милијарди односно 1012. Споредбен преглед на имињата на неколку големи броеви е даден во табелата, а детално објаснување прочитајте на линкот од Институтот за математика на ПМФ: http://poim-pmf.weebly.com/kako-se-citaat-golemite-broevi.html
3. Што се однесува до грешката во релаксацискиот осцилатор, тој не е со NE555 како што велите (немаме таков објавено во спомнатиот серијал), туку е со операциски засилувач (објавен во Емитер 10-12/2018, стр. 47). Исправка на таа грешка беше објавена веднаш во следниот број (1-3/2019) на стр. 94 (и на веб-страницата за наведената статија) и ме чуди како Вие како внимателен читател не сте ја забележале.
4. Ме зачудува острината на Вашите забелешки и прозивки во врска со правописот без да посочите ниту еден конкретен пример. Ние уште од првиот број имаме постојано анагажирано лектор (за разлика од многу други медиуми) кој совесно си ја врши својата работа (иако хонорарот е скромен), а исто така и самите автори внимаваат на изразот и правописот. Досегашните 200 броеви сведочат дека сме прилично успешни во тоа. Сепак, ова не значи дека не може да ни се протне понекоја грешка, но од такви ситни изолирани случаи да генерализирате дека во ЕМИТЕР има многу “скопјанизми” и правописни грешки “карактеристични за сомнително образовани луѓе” е навистина претерано и неумесно.
По овие образложенија и одговори, останува само да Ви се заблагодарам за пофалбите и убавите желби и да Ве повикам уште повнимателно да го читате Емитер.
Слободан Таневски
Почитувани,
Вашата редакција и реакција ме израдува и јас сум во заблуда за значењето на “билион”. Бев уверен дека “билион” е присвоен збор од англискиот јазик и мислев дека всушност се мисли на наша милијарда, 109. Префиксите за големи броеви ги знам како рима, ги користам уште и постојано ги вртам низ ум почнувајќи од екса, па пета, тера, гига, мега, кило, хекто и дека, па малите – деци, центи, мили, микро, нано, пико, фемто и ато. Имињата за 1021, 1024, 10-21 и за 10-24 ми се тазе сретнати. Секогаш ги користам како степен, на пример 6·109 и не го читам како 6 милијарди или 6 билиони, туку едноставно 6·109 и негде назад во умот ми светка придушено дека префиксот се вика милијарди и би било 6 милијарди, а како англицизам се 6 билиони. Проверив на Гугл и така е како што велите. Токму заради културолошки заблуди, сметам дека е далеку попрактично и побезбедно да се користи бројката со степенот наместо бројката со името.
За шемите за релаксациските осцилатори сега ми текнува дека беше со операциски засилувач, да. Во право сте.
Сакам и да одам на работа, да ги завршувам обврските, да одржувам бизнис, да го терам хобито, да читам Емитер, да ги реализирам плановите, попатно да трпам нервози, стрес и ете концентрацијата попушта.
Продолжете со успешната работа. Сè најдобро.
Зоран Јанкулоски
Почитуван г. Јанкулоски,
Во Емитер од поодамна имаме одлучено сите големи броеви (од милијарда нагоре) да ги пишуваме и со нивното име и со нивната вредност прикажана со експонент (А·10X). Така е постапено и во наведените случаи. На овој начин се избегнува можна забуна, како кај читателите на кои не им е блиско означувањето на броевите со експонент, така и кај читателите кои имаат математичко-техничко образование.
Следете нè и понатаму,
Слободан Таневски