Почитувани,
Го прочитав написот за модификацијата на звучникот CAV DP265 ама не можам да најдам во текстот објаснување за механизмот на функционирање кондензаторот Cm во насока на подобрување на АФК. Скоро и да не сум запознаен со светот на аудио техниката, но еве го моето размислување. Како што сфаќам, заради резонанцијата има издигнување на гласноста при фреквенција околу 135 Hz, кое сакате да го испеглате. Велите дека при резонантната фреквенција од 135 Hz импедансата на среднотонецот е многу поголема од импедансата на кондензаторот C1 при таа фреквенција. Практично велите дека при 200 Hz импедансата на среднотонецот е поголема од импедансата на кондензаторот, а при 135 Hz сигурно тој ефект е поизразен . Е сега, ме буни следново - додавањето на уште еден кондензатор од 47mF паралелно на овој првиов С1 уште повеќе ќе ја намали еквивалентната импеданса на двата паралелно врзани кондензатори па ако претходно при резонанција сам С1 не можел многу да ја намали амплитудата на среднотонецот при 135 Hz, сега двата паралелни кондензатори уште помалку ќе можат да ја намалат амплитудата. И сега ми се создава контрадикторна ситуација - вие всушност ја намалувате еквивалентната импеданса на кондензаторите за да се намали гласноста околу 135 Hz!? Многу ме интересира кое е објаснувањето.
Поздрав,
Зоран Јанкулоски
Главниот проблем кај звучникот CАV DP265 не е издигнувањето на 135 Hz, туку, како што е објаснето во написот, е “дупката” меѓу 150 и 450 Hz (слика 1 во написот) заради премалиот кондензатор C1. Кондензаторот C1 и импедансата на двата среднотонци (Слика 4 во написот) формираат едноставен РЦ филтер пропусник на високи фреквенции, чија долна гранична фреквенција е околу 450 Hz (Слика 5 во написот). Со дополнителниот кондензатор Cm се добива значително пониска долна гранична фереквенција, така што се пополнува дупката под 450 Hz (Слики 6 и 7 во написот). Правилно сте заклучиле дека со дополнителниот кондензатор Cm ќе се зголеми амплитудно – фреквенциската карактеристика (АФК) во непосредната околина на резонатната фреквенција од 135 Hz, но тоа не е нешто многу важно. Со споредба на Сликите 5 и 6 може да се види дека со дополнителниот кондензатор Cm зголемувањето на АФК на фреквенција од 135 Hz е само 1 dB, што е занемарливо мала промена (на полошо). Но затоа дупката меѓу 150 и 450 Hz е поправена за дури 5 dB, што е огромна промена на подобро! Едноставно, бенефитот што го носи дополнителнот кондензатор Cm во опсегот од 150 до 450 Hz е многу поголем од негативната страна на (занемарливо) малото издигнување на 135 Hz. Конструирањето на звучниците секогаш е поврзано со компромис, но “мајсторијата” е да се најде најдобриот компромис.
Владимир Филевски