Здраво ЕМИТЕР,
Сакам да направам засилувач за звучниците Panasonic SB-AK210 (слика во прилог). Дали би можеле да ми препорачате некоја соодветна шема?
Ви благодарам однапред,
Александар Стојановски
Звучниците Panasonic SB-AK210 не можат директно да се поврзат на класичен стерео заси-лувач, бидејќи во нив не е вградена пасивна свртница. Во секоја звучна кутија SB-AK210 е вграден еден бас-звучник од 16 cm и едно широкопојасно звучниче од 6 cm. Моќноста на секоја звучничка единица е декларирана на 110 W, но тоа се однесува на некоја имагинарна музичка моќност, а во реалноста можат да издржат најмногу 50 W. Звучниците Panasonic SB-AK210 се дел од мини-системчето Panasonic SC-AK210, во кое има електронска свртница и два стерео засилувача со декларирана моќност од 55 W на 6 оми, при 10% изобличување (реално – 40 W при мало изобличување). Затоа, ако сакате да ги користите звучниците на истиот начин, ќе треба да направите една стерео активна свртница и два стерео засилувача со моќност до најмногу 50 W по канал на 4 оми (мерено при мало изобличување). Засилувачите можат да се направат со популарните интегрирани кола LM 3886 или TDA 7294.
Второто решение е да се направи пасивна свртница за звучниците SB-AK210 и да се користи само еден стерео засилувач (без активна свртница, се разбира). Ако сакате бесплатно да ви проектирам оптимизирана пасивна свртница за тие звучници, јавете се на contact@audioexpert.com.mk.
Владимир Филевски