Здраво ЕМИТЕР,
Сакам да направам засилувач за звучниците Panasonic SB-AK210 (слика во прилог). Дали би можеле да ми препорачате некоја соодветна шема?
Ви благодарам однапред,
Александар Стојановски
Звучниците Panasonic SB-AK210 не можат директно да се поврзат на класичен стерео заси-лувач, бидејќи во нив не е вградена пасивна свртница. Во секоја звучна кутија SB-AK210 е вграден еден бас-звучник од 16 cm и едно широкопојасно звучниче од 6 cm. Моќноста на секоја звучничка единица е декларирана на 110 W, но тоа се однесува на некоја имагинарна музичка моќност, а во реалноста можат да издржат најмногу 50 W. Звучниците Panasonic SB-AK210 се дел од мини-системчето Panasonic SC-AK210, во кое има електронска свртница и два стерео засилувача со декларирана моќност од 55 W на 6 оми, при 10% изобличување (реално – 40 W при мало изобличување). Затоа, ако сакате да ги користите звучниците на истиот начин, ќе треба да направите една стерео активна свртница и два стерео засилувача со моќност до најмногу 50 W по канал на 4 оми (мерено при мало изобличување). Засилувачите можат да се направат со популарните интегрирани кола LM 3886 или TDA 7294.
Второто решение е да се направи пасивна свртница за звучниците SB-AK210 и да се користи само еден стерео засилувач (без активна свртница, се разбира). Ако сакате бесплатно да ви проектирам оптимизирана пасивна свртница за тие звучници, јавете се на contact@audioexpert.com.mk.
Владимир Филевски
Здраво,
Имам еден проблем и неколку конкретни прашања за истата тема. Имам стар засилувач Yamaha dsp A 970, кој почна да прави проблеми: се губи едниот канал и крчи високотонецот, најверојатно е отиден потенциометарот за регулација на јачината. Каде може да се набават вакви големи потенциометри 100 килооми x7 со редуктор? Може ли потенциометаров да ги расипе звучниците што ги користам, со оглед на тоа што на едниот канал се гаси звукот, па одеднаш се вклучува, да не се оштети високотонецот? Звучниците се нови и се многу помоќни од засилувачот кое е 60 вати, а звучниците се Monitor audio RX 2 со моќност 100 вати и RX 8 со моќност од 175 вати. Врзани се редно RX 2 со RX 8 се добива 10 оми отпор по канал. Дали би помогнало ако се прочисти потенциометарот од прашина со контакт-спреј?
Поздрав,
Марјан Крстевски
Погрешно е сериското поврзување на два различни звучника!!! RX8 да се користи за преден пар звучници, а RX2 за заден пар звучници во surround системот.
Потенциометри се продаваат во продавниците за електроника “Логинг електроник”, “ГАЦ елек-троник”, “БТ електроник” и “Алфа електроника”. Но ако потенциометарот во тој засилувач е по нешто специфичен (по габарит или распоред на изводи), можно е да немаат таков. Во тој случај, има 4 решенија:
• продавницата (ако има можност) да го нарача за вас;
• да го набавите во овластениот сервис на Јамаха;
• да го нарачате самите преку интернет;
• да користите друг модел со истата вредност со соодветни приспособувања.
Чистење на потенциометарот со контакт-спреј може да помогне, но само како привремено решение.
Владимир Филевски
Поздрав до вашата редакција и до целокупниот тим што работи во вашето списание и веб-сајт. Ние сме Ваши читатели, како на списанието така и на вашиот веб-портал. Сакаме да прашаме: како да се изработи претворач на струја од акумулатор 24V да претвори струја во 220V и да храни потрошувач од 100W. Се работи за пумпа за греење. Доколку снема струја, да се активира акумулаторот и да продолжи пумпата да работи додека не се испразни акумулаторот или пак да дојде струја, со што би избегнале хаварија во системот за греење (ова важи за котли на дрва).
Голем поздрав и однапред ви благодариме за посветеното време на вашите читатели.
Александар – Делтатерм дизајн
За таа намена можам да ви го препорачам проектот “Едноставен моќен инвертор од 12Vdc на 230Vac” од бројот 7-8/2005, со промена на трансформаторот.
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=1424
https://emiter.com.mk/pisma.php?godina=2010&broj=116
Спомнатите броеви можете да ги набавите според условите дадени во рубриката “Претходни броеви” во списанието и на нашиот веб-сајт: https://emiter.com.mk/prethodni.php
За овој проект имаме и готови печатени плочки – за цените и условите за набавка, погледнете на https://emiter.com.mk/ppk.php?godina=2005&broj=96
Слободан Таневски
Почитувани,
Сакам да ве прашам дали постои можност да ми испратите список на содржини од постарите броеви на ЕМИТЕР во PDF или во каков било друг формат со кој полесно ќе можам да пребарувам за проектите и статиите од постарите броеви на ЕМИТЕР. Списанието го купувам уште од 1998 година.
Поздрав,
Анте Митар
Преглед на содржините на сите броеви од тековната година (Годишен индекс) е објавен во пос-ледниот број за секоја година. Го има и во печатеното списание, а како PDF документ и на нашиот веб-сајт. Значи, отидете на нашиот сајт www.emiter.com.mk и преку менито Претходни броеви отворете ги страниците на секој последен број од секоја година на излегувањето на ЕМИТЕР. Во секој последен број најдете ја рубриката Годишен индекс и отворете ја, па преземете го PDF документот со годишниот индекс за таа година. За минатата 2014 година, еве директен линк
https://emiter.com.mk/poveke.php?napis_id=4847
Така ќе ги симнете сите збирни прегледи на содржините за сите години, па ако сакате можете да ги споите во еден PDF документ низ кој ќе пребарувате по одредени зборови.
Освен ваквиот начин на пребарување низ содржините на ЕМИТЕР, јас, како подобро решение, ви го препорачувам модулот за пребарување на нашиот веб-сајт. Тука можете да пребарувате по клучни зборови и по рубрики, а пребарувањето не се прави само во насловите на статиите (како во годишниот индекс) туку и низ сите содржини кои постојат на веб-сајтот за секоја наша статија (наслов, апстракт, клучни зборови, дел од текстот, потребен материјал и др.).
Верувам дека и на едниот и на другиот начин лесно ќе ги лоцирате содржините што ги барате.
Слободан Таневски
Здраво,
ми треба гитарски засилувач, односно ми треба само плочката со прикачени компоненти.
Имам 2 звучника Kenwood KFC-1377со импенданса 4 оми, Peak Power 120 вати и RMS Power 2-30 вати, овие звучници сакам да ги врзам сериски за да имаат импенданса 8 оми и да ги поврзам со плочката, односно засилувачот. Дали би можеле да направите таква плочка со прикачени компоненти и да има контроли за нагодување на јачината на звукот, басот и дисторзијата. Колку би ме чинело тоа доколку можете да го направите?
Имајте пријатен ден,
Виктор
Во секој број на ЕМИТЕР, а исто така и на нашата интернет-страница, во делот наменет за нарачка на плочки со печатени кола (ППК), стои следниов текст:
“Напоменуваме дека ЕМИТЕР не продава електронски елементи, кит-комплети, склопени модули или готови уреди. За тоа обратете се до фирмите и поединците кои тргуваат со електронски материјали - погледнете ги рекламите и малите огласи во списанието. Комплети делови (кит-комплети) можете да набавите од нашиот бизнис партнер ГАЦ електроника.”
https://emiter.com.mk/ppk.php
Во ЕМИТЕР се објавени следниве проекти наменети за електрични гитари:
ЕМИТЕР 2/1995: “Универзален гитарски предзасилувач”
ЕМИТЕР 3-4/1996: “Гитарски засилувач EGA 16W”
ЕМИТЕР 6/1998: "Дисторзија за гитара”
ЕМИТЕР 1-4/2007: “100W гитарски засилувач”
ЕМИТЕР 1/2013: “Универзален гитарски предзасилувач”
Повеќе проекти и информации на
https://emiter.com.mk/prebaruvanje.php?fraza= %D0%B3%D0%B8%D1%82 %D0%B0%D1%80&rubrika=8
Разгледајте ги тие проекти, одберете го најпогодниот и побарајте во малите огласи во ЕМИТЕР некој кој изработува проекти од ЕМИТЕР.
Владимир Филевски