Здраво редакцијо на Емитер,
Ви ја враќам плочката ППК1232, наменета за проектот "Подобрен ESR-метар" (од Емитер бр. 10/12 и 11/12) поради грешка во неа. Имено, на плочката не можам да ги наместам IC1 и IC3, а исто така и надворешните димензии на вашата плочка се разликуваат од димензиите на оригиналната плочка од употребениот мерен инструмент YX-360. Како доказ ви ја праќам оригиналната плочка и очекувам исправна плочка.
Ангелче Илиев
од Штип
Плочките со печатени кола (ППК) коишто ги обезбедува Емитер се полупроизвод изработен со фотопостапка или некој друг соодветен начин. Тие се наменети за понатамошна обработка за да се добие конечниот изглед и функционалност. Ова значи дека вие самите треба да ја "скроите" до конечните димензии, да ја премачкате со слој којшто обезбедува квалитетно лемење на компонентите, да ги издупчите сите дупки, како за елементите така и за монтажата на плочката и, на крајот, да ги проверите сите водови да не има некој прекин или краток спој. За ППК кои имаат претензија да бидат употребени во некој професионален уред, додатно да нанесете слој од калај врз бакарните водови. Така, и само така, ќе добиете додадена вредност еднаква на разликата во потрошената работа и материјалните средства. На тој начин се добива печатена плочка со ниво на обработка како на сликата 5, на стр. 46 од Емитер бр. 11/12. Ајде, можеби би се посомневале во веродостојноста на искажаното бидејќи плочката од оваа слика не е изработена од истиот материјал како вашата, тогаш погледнете ја сликата 7 на страница 51 од истиот број, каде што е употребен ист материјал како кај Вашата ППК. Разликата е очигледна и се состои од 4 полни часа напорна работа. Ете, можеби јас сум бавен, ама она што моите раце ќе го фатат, добива нова димензија од која се гордеам. Тежнеење што е толку својствено за многу генерации градители –ентузијасти.
Што е проблемот со Вашата плочка? Од "прва" може да се каже дека таа не претрпела некоја конзиситентна обработка, па затоа "не успевате" да ги ставите интегрираните кола на свое место, што "од прва" му успеа лично на уредникот на списанието. Можеби тој е поголем авторитет, па интегрираните кола него го "слушаат"! Сепак, погледнете ја фотографијата каде што се поставени ИК за кои тврдите дека вие не можете да ги наместите поради наводна грешка во плочката. Верувајте, димензиите на електронските компонени се строго дефинирани и тука, ни вие, ни јас, а уште помалку уредникот, не можеме ништо друго да направиме, туку да се придржуваме кон нив. Впрочем, Емитер тоа го прави веќе 19 години преку реализација на стотици и стотици успешни проекти.
Па каде е грешката тогаш? Грешка во обработката има, и таа се состои од употреба на "тапа" бургија, што е очигледно од "трагите" што сте ги оставиле на инкриминираната ППК. Но најбитно е дека дупките се бушени под некој агол, и секоја дупка си води "своја политика". Тоа, поради дебелината на материјалот, резултира со "децентрирани" дупки коишто отстапуваат дури и по половина милиметар. Сепак, и покрај ова, интегрираните кола можат да се постават на своите места поради фактот што тие имаат изводи со помал дијаметар од избушените дупки.
Што се однесува до димензиите на целата плочка (53 x 75 mm), тие се "скроени" според оригиналната плочка на употребениот мерен инструмент, во случајот AVO-метарот YX-360TR-ES на фирмата SUNWA, а во текстот на написот во Емитер 11/12, на речиси цела страница е објаснет изборот и улогата на овој мерен инструмент и нагласено е дека други модели со слична ознака (YX-360, на пример), а особено оние од други производители, можат да имаат друга плочка со поинакви габарити. Па од каде тогаш Вашата изненаденост од фактот што оваа плочка не пасува на "вашиот" мерен инструмент!?!
Што може сега да се стори? Емитер секогаш им излегува во пресрет на барањата на градителите – ентузијасти безрезервно помагајќи ги во реализацијата на нивните проекти. Та Македонија е мала земја и, следствено, мал е бројот на градители – ентузијасти, па тие треба да се чуваат како малку вода на дланката. Во тој контекст, Емитер безрезервно Ве поддржува во Вашите настојувања и ќе Ви испрати друга ППК, која овој пат ќе биде специјално изработена за Вас и ќе има поголеми маргини за да можете неа да ја "искроите" на потребните димензии кај Вашиот AVO-метар. Сепак, остануваат две работи кои мене лично ме загрижуваат:
Погледнете ја сликата 5 на стр. 46, од Емитер бр. 11/12, многу битно е правилно да се изработи дупката означена како елемент 2 за постоечките бакарни контакти да дојдат точно на лизгачите направени на нашата ППК, а означен како елемент 1. Многу битна е и изработката на елементот 3, предвиден да го ограничи движењето на преклопникот на само 2 позиции. Сосема возможно е дека токму овие димензии нема да одговаараат во Вашиот случај. Тогаш ќе мора самите да изработите нова ППК, која би одговарала на овие габарити!
Емилијан Иљоски