Уред за заштеда на електрична енергија

Здраво редакцијо!
Најнапред поздрав до сите во редакцијата.
Имам едно прашање во врска со електронски уред за заштеда на струја што го видов на интернет-огласник: http://www.reklama5.mk/AdDetails?ad=980996. Овој уред со ознака SD-001 се продава за 1000 денари со овие карактеристики:
- ја намалува потрошувачката на ел. енергија;
- едноставен за употреба, само се вметнува во штекер;
- го стабилизира напонот и го апсорбира вишокот на ел. енергија;
- 1 уред е за 1 фаза.
Затоа сакам да прашам дали сте запознаени со уредот, ако сте запознаени, дали навистина овој уред од 1000 денари штеди струја или е маркетиншки трик?
Благодарам однапред за евентуалниот одговор.
Поздрав од Пере – Петруш Армагедон

Овој уред не штеди струја и немојте да го купувате. Всушност, овој уред ништо не прави.
Интересно, на него пишува spixe buster наместо spike buster – дури не се ни потрудиле правилно да го напишат изразот на англиски.
Владимир Филевски

На сликата гледам уред што личи на полнач, но не е тоа. Има две LED диоди, колку да се види дека нешто работи, и да не нè јаде сомнеж дека сме купиле неисправен уред, Но освен што цело време ќе зафаќа еден штекер и нè потсетува дека сме направиле еден домаќински гест, никаква корист од него нема. Слични производи има многу. Еден од најсмешните (за мене) се магнетите во облик на прстен што се ставаат околу доводот за гориво во карбураторот кај автомобилите. Демек овие магнети, незнам за колку % ја намалуваат потрошувачката на гориво при иста моќност на моторот и слично.
Заштеда на сметките за електрична енергија може да се постигне со нејзино порационално користење. На пример, ако бојлерот преку цела ноќ одржува 60 литри вода под 60 степени, а никој нема потреба од таа вода, тогаш може и без тој трошок. Палењето и гасењето на бојлерот не е голема работа, но сепак е обврска. Ако ова го прави некој програмабилен тајмер, тогаш овој уред навистина заштедува енергија, а не ова што се нуди на рекламата. Друг начин на заштеда се застерените и енергетски неефикасни уреди. Пример, ако фрижидерот е стар. Вратата не налегнува (мајсторски дихтува) како што треба, постојано мрзне или протекува, тогаш тој троши повеќе од нов уред. Ходниците, бањите, претсобјата без природно осветлување се места каде што мора да запалиме светилка и потоа да ја исклучиме. Но, честопати забораваме да го направиме тоа. Речиси сите кафулиња во градов овој проблем го решија со поставување сензори за движење. Додека се вртка некој во собата свети, потоа автоматот ги гаси светилките. Постојано вклучените компјутери исто така придонесуваат за поголеми сметки. Јас правев мерења кај мене дома и дојдов до заклучок дека јас и синот со постојано вклучени компјутери (на стендбај повеќето време) трошиме повеќе од дотраениот фрижидер. Употребата на соларни колектори за греење вода, готвење на гас се исто така многу ефикасни начини за заштеда на електрична енергија. Значи, тоа се насоките во кои треба да се рамислува а не во купување на вакви шарлатански производи.
Кирил Крстевски

Здраво уредништво на Емитер,
Еве јас повторно се јавувам, бидејќи најдов некои информации за овој штедач на ел. струја SD- 001 со шема, за да можете вие подетално да одговорите за што се работи во овој случај.
http://archive.siliconchip.com.au/cms/A_109592/article.html
На дадениот линк ја има шемата со повеќе објаснувања, за да можете да ја објавите во Емитер, бидејќи мислам дека ќе биде интересно проектче за многумина.
Поздрав од Пере – Петруш Армагедон

Како што претходно кажавме, овој уред не штеди струја. Тој со кондензаторот на влезот само врши промена на факторот на моќност (косинус фи) од кој зависи износот на реактивната моќност. Но кај домаќинствата ЕВН ја мери само активната моќност, што значи дека факторот на моќност е неважен. Единствено позитивно од ова коло е варисторот, со кој се апсорбираат пренапоните (напонските "шпицови") во мрежата, но за таа намена има многу поевтини и поквалитетни филтри со пренапонска заштита. Останатиот дел од колото е обичен насочувач за побуда на LED диодите, коишто со светењето го "убедуваат" корисникот дека уредот си ја врши наводната функција на заштеда на електрична енергија. Резиме – не трошете си ги залудно парите на овој уред!
Претпоставувам дека сега многумина ќе ни се јават да го негираат нашиот одговор, па за сите нив во следниот број ќе објавиме поширок напис на оваа тема.
Слободан Таневски