Проблем со лампашкиот засилувач Marshall JCM800

Најнапред многу ве поздравувам и ви пожелувам уште многу години успешна работа.
Јас сум повеќегодишен "емитерџија", кој досега со успех има составувано повеќе транзисторски засилувачи според написите на "Емитер", но немам искуство со лампашки засилувачи.
Имено, имам едно прашање до вас, мојот брат-музичар неколку години користи лампашки засилувач Marshall JCM 800. Досега овој засилувач не се расипал, освен што еднаш се менувани ослабените ламби EL34. Но, пред некој ден, на тонска проба пред концерт се случи братот тој засилувач, кој се имаше загревано повеќе од десет минути, по вклучувањето на "стенд бај" прекинувачот да го работи само минута-две без звучник (недовлезен џек на долниот дел од големата звучна кутија), од тоа засилувачот не работел, а од самиот засилувач се слушал само некој чуден шум при секој отсвирен акорд на електричната гитара. Бидејќи мислел дека проблем прави еден од гитарските кабли, кој одпорано понекогаш му прекинувал, продолжил со отсвирување на гитарски рифови, со надеж дека ќе проработи, сè додека не забележал дека не е добро приклучен џекот на звучната кутија.
По таа случка, тонот од засилувачот е многу послаб и поразличен од порано. Се обидовме со друга иста звучна кутија и со нови ламби и диоди во исправувачот, испитани се и сите отпорници и кондензатори, но без резултат. Јас со сета претпазливост поради високите напони во засилувачот ги измерив сите еднонасочни напони според шемата и констатирав дека се во дозволените граници на толеранција.
Ве молам ако сте во можност да ми одговорите што е оштетено на засилувачот кој неколку минути работел без звучници, бидејќи знам дека стручните соработници на "Емитер" имаат искуство со лампашките засилувачи.
Дејан Павловски од Битола

Ви благодариме на убавите желби и Ви честитаме за успешно изработените проекти.
Засилувачите со електронски цевки имаат излезен трансформатор кој може да настрада ако нема приклучено потрошувач (звучник) на него. Исто така, ако излезот е кусо споен, повторно страда излезниот трансформатор. И двата случаја се можни ако конекторот не е до крај притиснат во гнездото, така што најверојатно излезниот трансформатор делумно изгорел (некои секции од некоја намотка). Под претпоставка дека сè друго е исправно, единствено решение е да се премота излезниот трансформатор.
За груба проверка дали е исправен трансформаторот, прво (при исклучен засилувач!) треба да се извадат сите EL34, а потоа омски да се испита примарот преку мерење на отпорноста на двете намотки одделно. Marshall JCM 800 го има во неколку различни верзии, но сите се во класичен push-pull спој со пентоди. Според тоа, двата примара се без ултралинеарен извод, така што на примарната страна има само три жици – два краја од двете примарни намотки (што одат кон анодите од пентодите EL34) и еден заеднички извод. Тие примари се идентични и ако се исправни, треба да дадат иста отпорност мерено во однос на средниот извод. Ако отпорноста им е иста, тоа сè уште не е гаранција дека се исправни, бидејќи мерењето го правиме со мал напон. Уште попроблематичен за анализа е секундарот, кој има изводи за 4, 8 и 16 оми. Изводот за негативната повратна врска се зема од изводот за 8 оми.
За понатамошна анализа мора да се употреби извор на синусен напон (тест CD, wav фајл од компјутер или сигнал-генератор) кој ќе се приклучи на влезот од засилувачот. Бидете внимателни, бидеќи сите овие извори се многу посилни од сигналот на гитарата, така што треба да бидат добро атенуирани, речиси на минимум. Ако имате можност, употребете и осцилоскоп. Приклучете отпорник од околу 16 оми и 100 вати (паралелно-сериска врска на неколку отпорници) на излезната намотка означена со 16 оми. Ставете ги назад пентодите EL34, вклучете го засилувачот, почекајте минута-две да се загрее и пуштете го тест-сигналот. Прво измерете го напонот на секој од двата примара во однос на масата. Овој напон е пулсирачки еднонасочен, но волтметарот поставете го на наизменичното подрачје. Напоните треба да бидат исти. Ако не се исти,тогаш проблемот може и да не е во трансформаторот, туку некаде претходно во засилувачот. За да се елиминира едната можност, заменете ги меѓусебно жиците од примарот (при исклучен засилувач!) до анодите на пентодите, додека заедничкиот извод си останува непроменет. Ако сигналот останува ист на истиот примар, тогаш проблемот е во примарот на трансформаторот. Ако примарите се исправни, на секундарните изводи од трансформаторот треба да ги добиете следниве наизменични напони (релативно во однос на изводот за 16 оми):
100 % на 16 оми
70,7 % на 8 оми
50 % на 4 оми.
Ако сигналот на секундарите е различен од дадените вредности (толеранција од 5% е нормална!), тогаш проблемот е во секундарите на трансформаторот.
Владимир Филевски