Здраво,
Благодарение на вашите статии, почнав да се интересирам за лампшки засилувачи и предзасилувачи. Сакам да направам мал лампашки засилувач, но гледам дека за тоа главен проблем е излезното трафо. На интернет најдов некои шеми за лампашки засилувачи кои не содржат излезно трафо, но за нив е потребен звучник од 400 или 800 оми. Колку што можев да видам, такви звучници нема во нашите продавници, па првото прашање ми е од каде да набавам таков звучник?
Второ што ме интерсира е дали звучниците од 400 и 800 оми се поквалитетни или не од овие за 4 и 8 оми, односно, општо земено, какво е влијанието на големината на импедансата во квалитетот на звучникот и зошто денес не се произведуваат звучници од 16 оми или повеќе, туку само од 4, 6 и 8 оми?
Ви благодарам однапред,
Драган Стојаноски
Многу е тешко да се најде звучник (звучна кутија) со импеданса од 400 до 800 ома, не само кај нас, туку воопшто, на светско ниво. Причината е сосема проста: такви звучници наменети за висококвалитетна репродукција воопшто и не се произведуваат – ако за момент ги заборавиме електростатските звучници кои имаат висока импеданса и се приклучуваат на транзисторските засилувачи на моќност со помош на трансформатор, или во исклучителни пригоди/моменти, во директна спрега со лампашки засилувачи за тоа наменети. Но, таа опција воопшто нема да ја разгледувам тука поради еден поразителен факт: добар електростатски звучник е поскап од добар автомобил!
Инаку, во овој наш "прост" (и евтин) свет, во репродукцијата на звук со висока верност преовладуваат динамичките звучници (исто така познати како електродинамички звучници) со импеданса од 2 до 16 ома. Иако долгогодишниот тренд е таа да се стандардизира на 6 ома, сепак на пазарот преовладуваат 4 омските звучници, а веднаш зад нив се оние со 8-омска импеданса.
Електродинамичките звучници преовладуваат на пазарот без речиси никаква алтернатива во последните 50 години, особено кога се работи за покривање на нискотонското/среднотонското подрачје, поради нивните основни својства: едноставна конструкција што води кон ниска цена, висок квалитет на репродукција и едноставно погонување на истите. Тоа е уште повеќе акцентирано во последните 30 години со примена на постојани магнети кои овозможуваат голема густина на магнетниот флукс.
Во периодот од 20-тите до 50-тите години од минатиот век, кога технолошки не беше возможно да се произведат постојани магнети со толкави густини на магнетниот флукс, место нив се употребуваа електромагнети и тие беа погонувани со помош на еден калем кој истовремено се користеше за филтрирање на напонот за напојување на уредот, додека аудиосигналот се доведуваше на одделна статорска навивка со импеданса од вообичаени 320 до 1000 ома. Оттука најверојатно произлегува бараната импеданса од 400 до 800 ома. На подвижната страна на ваков звучник (хартиениот конус) беше монтиран мал и лесен, но моќен постојан магнет или во одредени варијанти, краткоспоен калем. Имаше и такви варијанти со една иста намотка која се користеше за создавање на јакиот статорски електромагнет и за доведување на аудиосигналот, таквите звучници беа со нешто помала импеданса – од 200 до 600 ома.
Ваквите звучници каде што аудиосигналот се доведува на статорот (неподвижниот дел), за разлика од динамичките каде што сигналот се доведува во подвижниот калем, покажуваат низа недостатоци кои се рефлектираат врз квалитетот на звукот, а тие во прв ред се:
– Пробив на 50Hz и повисоките хармоници од градската мрежа, што доведува до високо ниво на брум. Затоа овие звучници редовно се изработуваат со долна резонантна фреквенција повисока од 100Hz.
– Модулација на аудиосигналот со фреквенцијата на градската мрежа (50Hz).
– Многу мала механичка комплијанса – односно голема крутост и инертност на системот.
– Поголеми хармонски и интермодулациски изобличувања во однос на динамичките звучници.
– Ограничен фреквентен опсег поради употребениот феромагнетен материјал.
Сите овие фактори ги прават овие звучници непогодни за аудиорепродукција со висока верност! Сепак, одреден број аудио ентузијасти претпочитаат да го слушаат нивниот звук, кој има некаква мистична мекост и пластичност, а како и не ќе има, кога примероци стари по 50 до 80 години можат на интернет да достигнат астрономски цени, за кои дури и јас сум спремен да ви пеам на уво во Долби стерео техика – ако милувате!
Емилијан Иљоски
Високоомски звучници од рангот на неколку стотина оми одамна не се произведуваат и ги нема по продавниците. Повремено на e-bay може да се најде по некој примерок што лежел по подруми половина век.
Општо земено, импедансата на звучникот нема влијание врз неговиот квалитет. Но, тие стари високоомски звучници беа наменети за употреба во телевизори, така што од нив не може да се очекува hi-fi квалитет.
Најдобро решение за засилувач со електронски цевки, но без излезно трафо, е употреба на паралелно врзани триоди или пентоди со мала внатрешна отпорност. Добар избор за оваа намена е пентодата EL509, вкупно 8 пентоди по канал, односно за еден стереозасилувач, потребни се 16 пентоди. Цената на ваков засилувач е висока, потрошувачката на струја ќе биде голема, но на излезот се добиваат 100 Wrms по канал на 8 оми, директно без употреба на излезен трансформатор. Ваквите засилувачи најдобро работат со звучници од 16 или 8 оми.
Денес, стандардизирани импеданси на звучници се 4, 8 и 16 оми. Звучници со импеданса 16 ома поретко се наоѓаат, но сепак ги има. Некои фабрики нудат ист модел на звучник во две варијанти на импеданса, најчесто 4 и 8 оми. Сепак, од секоја фабрика може да се нарача конкретниот модел на звучник да го изработат и во 16-омска верзија (во зависност од моделот, минималната количина за нарачка се движи од 100 парчиња, па нагоре).
Веќе подолго време постои тренд на користење звучници со помала импеданса. Сè почесто се нудат звучници со импеданса еднаква на 2 оми, па дури и 1 ом, особено за употреба во автомобилите. Ниските импеданси се практични затоа што се постигнува голема моќност со мал напон на напојување на засилувачот.
Владимир Филевски