Неисправен или фалсификуван LM338T?

Здраво Емитер,
Сакам да направам напојување со регулација на напон, па набавив неколку интегрирани кола LM338, но никако не успева да ми проработи уредот, иако го врзувам исто како уредот што го имам направено од поодамна, кој верно си ја врши работата и ден-денеска. Откако забележав дека има некоја разлика во знаците на интегрираното коло од мојот прв уред и на интегрираните кола со кои се мачам да го составам новото напојување, почнав да се сомневам дека можеби интегрираните кола имаат различен распоред на пиновите. Сите знаци на стариот интегралец се JM93RL LM338T P+, додека на новиот се JM95RG LM338T.
Дали ќе можете да ми помогнете да го решам овој проблем?
Поздрав,
Столе Јовановски

Најверојатно се работи за фалсификувани примероци на LM338T. Фалсификуваните електронски компоненти во последните десетина години претставуваат проблем број 1 на глобално ниво! Додека фалсикуваните компоненти од деведесеттите години на минатиот век беа без исклучок "препечатени", но сосема функционални компоненти од источниот блок, фалсификатите од 21-от век се компоненти со сомнително потекло, а некои од нив воопшто ја немаат ни функцијата за која се наменети. Потеклото на овие компоненти е претежно од Кина, а во последно време има примери на масовно фалсификување и од Индија.
Како да препознаеме фалсификувана компонента? Тоа не е ни малку лесна работа, и основно е да знаеме каков е физичкиот изглед на оригиналната компонента, а и да знаеме која компонента од кого е произведена, како и сериите што производителот ги пуштил во оптек. Повеќе од тоа, постојат серии од реномирани производители кои не се пуштени во продажба, главно поради лош квалитет и несовпаѓање со декларираните карактеристики. Тие обично завршуваат на отпад, а некои од нив бесправно доспеваат и на редовниот пазар преку таканаречената "електронска мафија", за која се цени дека влече корени од Југоисточна Азија.
Информација за начинот на бележење на сериите имаме во техничките податоци (datasheet) на производот, додека информација затоа кои серии се исфрлени од оптек обично се добива преку соопштенија на производителот. Се разбира, сите овие информации одредени фирми систематски ги бележат и издаваат соодветни билтени за состојбата со фалсификувани компоненти и други релевантни податоци кои се од помош при разоткривањето на фалсификатите. Работата е толку сериозна, што во "големите" универзитети во кои се изучува електрониката, во последните неколку години масовно се отвораат катедри специјализирани за оваа намена, а ги имаме и првите специјалисти: "Electronics counterfeit engineers", односно инженери по електроника, специјалисти за фалсификувани компоненти.
Се разбира, оваа специјалност е многу конјуктивна, и на светско ниво има голем недостаток на вакви експерти. За среќа, пред вас имате еден таков со длабоко познавање на проблематиката и 30-годишно искуство, како и со енциклопедиско познавање на повеќе генерации електронски компоненти. Па, да преминеме на работа:
Лиценцата за производство на LM338 е сопственост на бившиот National Semiconductors (сега Texas instruments). Таа е отстапена на ST Microelectronics, но тој го произведува само во пакување TO-3 со ознака LM338K. Таа е исто така отстапена на Linear Technologies, но оваа фирма го произведува во пакување TO-3 со ознака LM338AK(K) и во TO-3P со ознака LM338P, значи и тие немаат производ со суфикс T, односно спакуван во куќиште TO220. Слична е и состојбата со англиската фирма Semelab на TT electronics. Постојат уште неколку фирми кои ја произведуваат оваа компонента или тоа го правеле во минатото, но тие не ја бележат со префиксот LM туку со uA (Signetics, Raytheon), T(Toshiba) или IP (Semelab). Значи, LM338T може само да биде производ на бившиот National semiconductors и треба да го има на себе познатиот знак на оваа фирма и, ако се работи за производ произведен по 1997, сите ознаки треба да се изгравирани, постарите верзии користат светлосива – сребреникава боја за ознаките. Лиената пластика е со нешто посветла мат-црна боја.
Од друга страна, анализирајќи го серискиот број JM95RG, тој навистина е на National Semiconductors, но во оваа серија произведено е интегралното коло LM2576S, а не LM338T! Ова конечно потврдува дека производот е фалсификат!
На крај, ако компонентата е фалсификат, тоа не значи дека компонентата не е исправна и дека не ја извршува предвидената функција! LM338T лесно се мери: ако е исправен и правилно поларизиран, напонот од излезот до ногарката "adj" треба да е фиксен: 1,2V; останатиот, трет приклучок е влез! Инаку, LM338T има еден-единствен распоред на изводите: гледајќи од страна на натписите, имаме од лево кон десно: adj, Uout, Uin.
Емилијан Иљоски