Соларни ќелии од стари транзистори

Здраво.
Имам слушнато дека транзисторот 2N3055 може да се употреби како соларна ќелија дури и ако е прегорен. Барав нешто на интернет, но има многу малку информации. Бидејќи поседувам неколку неисправни примероци од овој транзистор, би ве замолил ако сте во можност да објавите напис за тоа како да се поврзат овие транзистори за да работат како соларен панел и колку енергија би се добила од само еден единствен транзистор. Сакам да направам еден таков соларен спој со овие транзистори, чисто како хоби.
Однапред Ви благодарам.
Зоран Георгиевски од Кочани

Точно е тоа дека транзисторот 2N3055 може да ги претвори фотоните во електрони, односно соларната енергија да ја претвори во електрична. И не само биполарните транзистори можат да го сторат тоа, туку сите полуспроводници врз база на силицуим го имаат тоа својство. Така и најобична силициумска диода, како и секој PN спој може да послужи како соларна ќелија. Затоа и неисправен, еден биполарен транзистор може да се користи за оваа намена, но само во случај ако неговиот спој база-емитер е исправен.
Обично при прегорување на биполарните транзистори, имаме куса врска меѓу колекторот и емитерот, додека споевите база-емитер и база-колектор често остануваат исправни, па затоа спојот база-емитер може да се користи како соларна ќелија. За оваа намена спојот база-колектор е во многу случаи неупотреблив поради тоа што кај повеќето биполарни транзистори колекторот е залепен за подлогата и до него не може да допре светлина! Се разбира, за да може да биде користен како фотонапонски елемент, до PN спојот на силициунскиот транзистор или диода треба да допира светлина и затоа куќиштето на транзисторот мора да се отвори!
Некој пресметал дека за секој ват инсталирана моќност со силициумски полуспроводници во планарна технологија, технологија со која се произведуваат сегашните полуспроводници, треба да инвестираме околу 200 евра! Имено, еден 2N3055, на пример, не може да даде многу повеќе од неколку миливати дури и при многу јаки интензитети на светлина така што со неколку од нив евентуално би можеле едвај да стартувате некој малкумоќен дигитрон со LCD дисплеј (оние со LED дисплеи ни приближно не би можеле да ги стартувате). Односно, за да се произведе моќност од еден цел ват ќе ви требаат неколку стотини транзистори!
Значи, ефикасноста на овие полуспроводници е многу мала и е од редот на неколку проценти. Ефикасноста на транзисторите на моќност е помала отколку кај оние со мала моќност – па ако сакате нешто поефикасен систем треба да употребите BC109 наместо 2N3055.
Од гореискажаното произлегува дека производството на електрична енергија користејќи ги фотонапонските својства на 2N3055 е потполно неисплатлива работа! Друга работа е да се конструира некој соларен панел со неколку десетици транзистори како нагледно средство во образованието за да се објасни принципот на работа на ваквата конфигурација. Тогаш и само тогаш ваквата реализација има своја оправданост бидејќи знаењето би требало да биде бесценето!
Емилијан Иљоски