Промени во Теслиниот трансформатор

Почитувана редакцијо,
Упатувам поздрав до сите вас, особено до господинот Петар Лагудин и поракава е всушност упатена до него. Имено, се обидувам да го направам Теслиниот трансформатор според проектите од ЕМИТЕР 3/06 и 4/06, но со мала измена - би сакал димензиите на секундарот да ми бидат 30mm напречен пресек и некаде околу 150-180 mm висина. Тоа што ме интересира е како да ги променам елементите во колото за да може да функционира TT со вакви димензии. Исто така, би сакал да додадам торус на врвот каде што е антената (знам дека тој би имал улога како кондензатор Cs), па ако може да ме упатите малку и во таа област.
Однапред благодарам,
Кристијан Ковилевски

Пречникот на цевката за секундарната намотка може да изнесува 30mm, но, што се однесува до височината на цевката, таа не може да биде само 180mm, бидејќи бројот на навивките на секундарот изнесува 1860 навивки намотани една до друга со бакарна "лак" жица со пречник 0,2mm исклучиво во еден слој, а никако во два слоја (еден преку друг). Според тоа, цевката за секундарната намотка не може да биде покуса од околу 400mm. Теоретски гледано, со смалување на пречникот на секундарната намотка, нејзиниот индуктивитет би требало да се промени, а со тоа ќе се помести и резонантната фреквенција на секундарната намотка. Меѓутоа, тоа може да се компензира со корекција на индуктивитетот и на примарната намотка за да се дотера на иста резонантна фреквенција со секундарот. Тоа се постигнува експериментално, така што на примарната намотка се намотуваат 1-2 навивки повеќе и едниот приклучок се "шета" по долните 1-2 навивки од примарот и се фиксира на местото во кое се препознава максималниот ефект на Теслиниот трансформатор (најдолги молњи), а вишокот од навивки се отстранува.
Што се однесува до поставување на торус каде што е антената, тој не би требало да игра некоја значајна улога во промена на резонантната фреквенција на секундарот, но, поатрактивен ефект (лепеза од "молњи") ќе постигнете со антена на чиј врв е додадено мало кругче (види слики во ЕМИТЕР 4/06: "Електронски Теслин трансформатор").
Многу успех во градбата на Теслиниот трансформатор!
Петар Лагудин