Напојување за ADR-01 и Booster засилувач

Како прво, голем поздрав до редакцијата, уредникот и читателите на ЕМИТЕР. Списанието е одлично, иако би можело да има и страници во боја. Имам 15 години и се занимавам со електроника од хоби. Сакам да поставам две прашања, кои мислам дека ќе бидат интересни и за останатите читатели на нашето и ваше списание ЕМИТЕР.
1. По изработката на предавателот ADR01 (ЕМИТЕР 4/95) го вклучив на батерија од 9V и се разбира добро работеше. Но, кога истиот предавател го вклучив на исправувач од 12V/500mA, тој работеше, но имаше неподнослив брум на приемникот. Ставив филтрирачки кондензатор од 4700µF/50V заедно со кондензатор за ВФ пречки од 100nF, но брумот се уште постои, иако малку намален. Какви решенија ми предлагате за комплетно отстранување на брумот при напојување од исправувач?
2. Откако го изработив BOOSTER засилувачот за автомобил (ЕМИТЕР 3/95) веднаш го вградив во нашиот автомобил за да го испробам. Веднаш проработи, а неговата моќност беше околу 2,5 пати поголема отколку самото радио без него. Но, тоа не беше (барем по мое мислење) 22W синусна моќност!
Уште еднаш ги прегледав елементите, и се беше во ред. Ми падна на памет да пробам со повисок напон на напојување, па засилувачот го приклучив на исправувач 24V/5A, но бидејќи колото не работи на тој напон, со помош на стабилизаторот µA78H12 и реостат поврзан од пинот 2 кон маса го наместив напонот на 20V со 5А струја. BOOSTER засилувачот проработе, а јачината на звукот беше 2 пати поголема отколку во автомобилот (сигурно околу 25W RMS).
Како можам во автомобил да добијам токлав напон (без дополнителен акумулатор)?
Борче Трајковски од Битола

На почетокот во името на целата редакција сакам да ви се заблагодарам за поволната оценка на списанието, и за Вашата доверба во него.
Што се однесува до воведувањето на страници во боја, веднаш сакам да кажам дека, за жал, во моментов е тешко остварливо. Основната причина за тоа се средствата. Во моментов главен приоритет на редакцијата е подигнувањето на квалитетот на текстовите и збогатувањето на содржините за кои очекуваме и поактивна соработка од нашите читатели. ЕМИТЕР е релативно младо списание и нереално е да се очекува за толку краток период од своето постоење да го достигне квалитетот на водечките светски списанија од оваа област, особено ако се имаат во предвид условите под кои опстојува.
Но да се навратам на поставените прашања.
1) Иако во писмото не е прецизно наведен типот на насочувачот, предпоставувам дека станува збор за насочувач кој обично се нарекува “адаптер”. Овој насочувач покрај трансформаторот најчесто содржи уште четири диоди (врзани во грецов спој) и еден електролит од 470µF. Стабилноста на излезниот напон кај овие насочувачи е премногу мала и далеку од потребата за напојување на предавателот ADR-01. За целосно елиминирање на брумот потребно е предавателот да се напојува со квалитетен извор за напојување. Наједноставно решение е самите да направите стабилизиран извор со фиксен напон со еден монолитен стабилизатор од серијата 78XX (на пример 7808). Подетално за карактеристиките и апликациите на овие стабилизатори можете да прочитате во текстот под наслов “Напонски стабилизатори од сериите 78XX и 79XX” објавен во ЕМИТЕР 5-6/96. Во него ќе ги најдете сите потребни упатства потребни за конструкција на коректен стабилизиран извор за напојување.
2) Единствен начин со постоечкиот акумулатор да добиете повисок напон за напојување на засилувачот е да набавите или самите да направите соодветен DC-DC конвертор. DC-DC конвертор е електронски уред кој служи за добивање на еднонасочен напон од еднонасочен напон со ист или различен поларитет и големина. Изработката на ваков уред бара одредени познавања од оваа проблематика и ви препорачувам самите да не го изработувате доколку немате некое предходно искуство. Како потсетување сакам да кажам дека максималниот напон за напојување на TDA1553Q изнесува 18V, што е само 4V повеќе од напонот на акумулаторот кога автомобилот е во погон. Тоа зачи дека добивката во моќност што ќе ја остварите со зголемување на напонот за напојување е релативно мала во споредба со вложувањето во соодветен DC-DC ковертор. Јас би ви препорачал да направите уште еден BOOSTER засилувач, и на него да приклучите уште еден пар на звучници со што ќе добиете дополнителни 40W синусна излезна мокност и поквалитетна репродукција поради помалото напрегање на звучниците.
Дејан Трпески