Моќни излезни засилувачи со ламби

Ме интересира дали може да се најде шема за излезен засилувач со ламби над 100W, а може и над 150W. Како ваш редовен читател имам изработено многу склопови од Емитер и овој пат започнав да прибирам делови за изработка на High-End предзасилувачот со ECC83, меѓутоа повеќе би сакал да изработам излезен засилувач со ламби па би ве замолил ако имате некаква шема да ми испратите по e-mail. Мислам дека во еден ваш поранешен број излезе некоја таква шема ама не можам да го најдам бројот и не знам која јачина ја има тој засилувач .
Однапред ви благодарам,
Сашо Јолески преку e-mail.

Засилувачи со ламби и голема моќност често се изработуваат во push-pull спрега со две ламби EL34 (6CA7) или легендарната 6L6. Ваква конфигурација дава 50W излезна моќност, додека верзија со 4 ламби дава цели 100W. За лампаши ова се веќе многу големи моќности и многу ретко се изработуваат засилувачи со поголема моќност. Поради големите губитоци, мрежниот и излезниот трансформатор кај 100-ватните лампашки засилувачи треба да се со моќност од минимум 200W по канал, што ваквите засилувачи ги прави не само скапи, туку тешки и габаритни. Второ, и самите ламби се многу скапи, особено ако се од добар призводител (RCA, Valvo, Siemens, Mullard и т. н.) и тие имаат многу мал животен век (<2000 работни часови).
Трето и најбитно, ваквите засилувачи во AB класа не се воопшто популарни кај High-End приврзаниците од проста причина што тие не даваат некоја компаративна предност во однос на транзисторските засилувачи од врвна класа. Push-pull изведбите во AB класа главно се застапени кај гитарските засилувачи, а High-End следбениците се фокусирани на single-ended засилувачи (само една ламба) во A класа, конфигурација која навистина дава спектакурарен звук, но не може да даде многу поголема моќност од десетина вати. Втората опција кај High-End следбениците е хибриден засилувач со биполарни или MOSFET транзистори на излез, пак во A класа, а никако во технички инфериорната AB класа.
Шеми за лампаши со поголема моќност од 100 W можат лесно да се најдат на интернет, но на интернет може да се најде сè и сешто па и многу непримерни решенија. Во Емитер немаме објавено шема на излезен засилувач со ламби, но со оглед на нараснатиот интерес кај читателите планираме во билска иднина реализација и на такви проекти, а како прв најверојатно ќе биде High-End хибриден засилувач.
Емилијан Иљоски