Повеќе звучници во една кутија

Редовно го читам вашето списание и мислам дека е супер. Досега имам направено повеќе звучни кутии (според пресметките и упатствата од текстовите на Филевски) и прилично сум задоволен. Имам неколку прашања:

1. Колкав треба да биде волуменот на кутијата, ако се стават два или повеќе бас-звучника во неа?

2. Како сето тоа ќе влијае врз вкупната моќност и ефикасност на целата кутија?

3. Дали може во наредните броеви да објавите нешто повеќе за бас-рефлекс и бандпасс кутиите - пресметки и конструкција?

Многу поздрав до сите во редакцијата, а посебно до В. Филевски и Ви посакувам понатамошен успех.

Кировски Спасе од Скопје

 

Ви се заблагодарувам од името на редакцијата.

1. Прво пресметајте го волуменот потребен за еден бас-звучник. За два звучника потребен е двојно поголем волумен од пресметаниот, за четири звучника - четири пати поголем. Звучниците мора да се поврзат паралелно! Ако треба да се постават четири звучника, тие мора да бидат 16 омски (вкупната импеданса ќе биде 4 оми. Не смее сериски да се поврзат звучниците, бидејќи Qts параметарот премногу ќе се зголеми, односно ќе се добие кутија со многу висок Qtc. Заради истава причина не доаѓа во предвид и комбинираното сериско/паралелно поврзување на четири звучника. Сериско поврзување на два звучника може да се дозволи само ако звучниците имаат многу низок Qts параметар - помал од 0,3 (тогаш во пресметките се користи новодобиениот, повисок Qts параметар).

2. Два звучника од по 8Ω и 150 W, паралелно врзани даваат еквивалентен звучник од 4Ω и 300 W. Слично, од четири звучника од по 16Ω и 150 W се добива еден еквивалентен од 4 Ω и 600 W . Во идеален (теоретски) случај ефикасноста расте за 3 dB при секое удвојување на бројот на звучниците, но во реалноста се добива најмногу 1 dB. Максималната јачина на звукот ќе зависи од ефикасноста на звучниците и од тоа колкава максимална моќност може да даде засилувачот на 4Ω. Ако засилувачот на 4Ω може да даде двојно поголема моќност од максималната на 8Ω (таквите засилувачи се прилично ретки), тогаш ќе се добие за 4 dB погласен звук (1 dB од ефикасноста плус 3 dB од двојно поголемата моќност).

3. Пресметките за bandpass кутиите се вршат исклучиво со компјутер, така што во некој нареден број на ЕМИТЕР ќе објавам само практичен проект за bandpass subwoofer. Што се однесува до пресметките за бас-рефлекс кутиите, тоа е премногу комплексна тема за само еден или два (или три) написи. Се подготвувам за поголема серија написи на таа тема, или можеби од тоа ќе произлезе и книга.

Владимир Филевски