Звучници

Здраво!
На почеток би сакал да ви упатам честитки за досегашната работа и би ви порачал да не обрнувате внимание на оние кои велат дека ЕМИТЕР е скапо списание и другите слични критики (тие не ја сакаат електрониката).
ЕМИТЕР го купувам подолго време и посебно ме интересираат проектите и написите од областа на аудио техниката. Имам неколку прашања, на кои се надевам дека ќе добијам одговор.
1. Како се пресметува волуменот на звучна кутија со два еднакви бас-звучника?
2. Дали при паралелно поврзување на два звучника се менуваат Тхиеле-Смалл параметрите на "еквивалентниот" звучник или тие се еднакви на единечниот?
3. Имам забележено дека во проектите користите звучници од 8Ω, па би сакал да знам дали звучник од 8Ω има предност над оној со 4Ω? Поконкретно - дали Simsonik 820 B од 4Ω ги има истите параметри со оној од 8Ω?
Однапред ви благодарам.
Марјан од Прилеп

Во името на редакцијата Ви се заблагодарувам на честитките.
1. Потребниот волумен на целата кутија е точно двојно поголем од пресметаниот волумен за кутија со еден бас-звучник. Ако станува збор за компресиона кутија, пожелно е волуменот на целата кутија физички да се подели со преграда (по можност коса) на два еднакви дела - секој дел да има волумен пресметан за еден звучник. На тој начин конструкцијата на целата кутија е поцврста, со помали резонанции на страниците, а се намалуваат и стојните бранови во внатрешноста.
2. При паралелно поврзување на два звучника не се менуваат Thiele-Small параметрите, освен што "еквивалентниот" звучник би имал двојно поголем параметар Вас, но таков начин на пресметување непотребно ги комплицира работите. Едноставно: се пресметува волуменот потребен за еден звучник, па за кутијата се зема двојно поголем волумен. Импедансата на "еквивалентниот" звучник ќе биде двојно помала.
Ако се користи конфигурацијата прикажана на сликата 11 на страна 16 од ЕМИТЕР 9/96 ("Звучни кутии - сите видови на светот"), тогаш може да се земе како да е параметарот Вас двојно помал, односно потребниот волумен на кутијата е половина од волуменот во однос на случајот кога се користи еден звучник. Ова важи и за компресиони звучни кутии.
3. По правило, 4 омска и 8 омска верзија на еден звучник имаат идентични Тхиеле-Смалл параметри, но има многу исклучоци. Меѓутоа и во случај кога параметрите им се различни, обично за двете верзии се добиваат еднакви по волумен кутии, со слични карактеристики. Параметрите на 4 омскиот Simsonik 820 B не сум ги мерел.
Во проектите исклучиво ги користам звучниците од 8Ω, бидејќи голем број на евтини засилувачи не можат да работат на 4Ω Би можело да се каже дека всушност звучникот од 4 W има предност, бидејќи ќе свири погласно од 8 омската верзија на истиот звучник.
Владимир Филевски