Како да се открие метанолот во ракијата

Почитувани, Минатсиот месец по којзнае кој пат имаше случај на труење со метил алкохол (овој пат во Куманово). За среќа затруените преживеаја, а изработувачот на лажната ракија го уапсија. Јас како и повеќето Македонци консумирам ракија (во граници на нормала) која ја купувам од приватни производители, односно заедно ја печеме со едни пријатели. Колку што знам ракијата е етил алкохол кој не е отровен и е корисен ако се пие во мали количини (1-2 чашки дневно), додека метил алкохолот е отровен. Е, сега, како да се препознае ракијата во која има од опасниот метил алкохол? Дали мирисаат различно ракија од метил и ракија од етил алкохол? Ако не можат да се препознаат по мирисот, дали има некој едноставен хемиски тест кој би можел да се направи во домашни услови и кој недвосмислено ќе покаже дали станува збор за метил или етил алкохол? Исто така се интересирам дали при домашното печење на ракија има можност (опасност) во ракијата да се појави и метил алкохол покрај етил алкохолот и како тоа да се утврди и да се спречи таа појава? За сето ова прашував разни луѓе, но никој не знаеше да ми одговори, па еден пријател ми кажа да се обратам до вас. Се надевам дека некој од вашите стручни лица ќе може да одговори на овие прашања. Поздрав од Драган Симески и пријателите Метил алкохолот, познат исто така како метанол со хемиска формула CH3OH, во народот е познат како дрвен алкохол. Тоа е многу токсична супстанција. Само 10 ml чист метил алкохол во нашиот пробавен тракт може да предизвика трајно оштетување на очниот нерв, додека само 30 ml можат потенцијално да предизвикаат смрт. Вообичаените смртни дози се движат од 100 до 130 ml. Од своја страна, етил алкохолот или етанолот е со хемиска формула C2H5OH. По структура тоа може да се напише како CH3-CH2-OH, односно тој исто така содржи метилна група CH3, но тој не покажува такви токсични својства како метил алкохолот. Тоа првенствено се должи на вековно стекнатиот метаболизам на нашето тело кое го препознава етил алкохолот и го преработува во црниот дроб. Имено, ферментацијата на разни шеќери и нивното претворање во етил алкохол е позната и се применува повеќе од 6000 години. Во реалноста, во разните "брљи" кои се наоѓаат низ зелените пазари има многу метил алкохол. Тоа првенствено се должи на лошата и неквалитетна обработка. Во Македонија ракијата претежно се изработува од грозје. Во тој случај метил алкохолот ќе го добиеме од ферментацијата на гранките - "петелките" од виновата лоза. Нормално би било само зрното (односно ширата) да се остави да ферментира но тоа е редок случај, особено во Скопскиот регион познат по лошата ракија и уште полошото вино. Втор виновник за постоењето на метил алкохол во "нашите" ракии е непочитувањето на основните правила за дестилација. Метил алкохолот, ако е присутен во смесата која ја дестилираме, како полесен се јавува како прв дестилационен производ. Затоа нашите предци првото истекување на ракија никогаш не го пиеле, туку го користеле за мачкање! Денес, во трка по пари и по поевтино средство за "брзо" пијанење, не е воопшто невообичаено првото истекување на ракија да се измеша со останата ракија, зголемувајќи го притоа количеството на токсичниот метил алкохол. Сепак, во пракса имаме многу мал број на труења со метил алкохол од нашите ракии. Тоа првенствено се должи на фактот дека етил алкохолот (овој пат како потежок) полесно се врзува на клеточно ниво ОНЕВОЗМОЖУВАЈЌИ на тоа место да се врзе метил алкохолот. Исто така, лек за труење со метил алкохол е етил алкохолот! Најчесто она што го карактеризираме како труење со ракија не е само последица на метил алкохолот, туку и на постоење на оксиди од бакарот и калајот од кој е направен казанот за дестилирање ракија. Овие оксиди се неверојатно токсични и се јавуваат при крајот на дестилацијата! Затоа никогаш не ја пијте првата и последната чашка – првата ќе ве растресе, последната ќе ве кутне! Разликување на етил од метил алкохол е речиси невозможно без спектрографија! По специфичните тежини овие две супстанции се речиси идентични, особено поради тоа што тие редовно не се наоѓаат во чиста форма, односно секогаш се растворени во одреден процент вода! Емилијан Иљоски Во Македонија, колку што знам е нелегално да се продава ракија по пазари, освен ако продавачот не е регистриран произведувач на алкохолни пијалаци (за ова не сум сигурен, треба да се провери во Пазарниот инспекторат). Инаку, метанолот во ракијата не може да се открие лесно. Метанолот е без мирис и боја. 10 кубни сантиметри (тоа е приближно една ракиена чашка) чист метанол предизвикува слепило, а 30 до 40 кубни сантиметри предизвикуваат смрт. За жал, нема едноставен хемиски тест за откривање метанол кој може да се изведе во домашни услови (за ова зборував и со професорот кој ми беше ментор за дипломската работа). Инаку, во домашна ракија не би требало да има метанол ако е искусен човекот што ја дестилира ракијата. Повеќе информации за темава: http://www.inchem.org/documents/hsg/hsg/v105hsg.htm Александар Тошоски