Почитувана редакцијо,
ЕМИТЕР го следам од самиот почеток и можам да кажам дека е супер. Имам неколку прашања и една забелешка во врска со некои проекти објавени во списанието:
1. "Surround sound processor" (ЕМИТЕР 3/97).
Дали колото составено од IC3 и IC4 и припадните елементи може да се искористи за конструкција на коло за добивање на познатиот "ехо" ефект, и ако може, како?
2. "STK4191 - 2x50W Аудио засилувач" (ЕМИТЕР 5/97).
Очигледно е дека во приложената електрична шема постои печатна грешка (шемата не е еднаква за двата канала). Доколку сте во можност, би ве замолил да ја објавите точната електрична шема.
3. "Дигитален мерач на капацитивност" (ЕМИТЕР 12/97).
Дали може да се додадат подрачја од 10µF и 1µF, и ако може, како?
4. "Автоматски телефонски преклопник ADR B25" (ЕМИТЕР 12/97).
Дали преклопникот може да работи и на дигитална централа, со тонско бирање, и доколку се потребни измени, кои измени треба да се направат за да може да работи на дигитална централа?
5. "500W излезен засилувач" (ЕМИТЕР 3/98).
- Дали транзисторите T1, T2, T3, T4, T6, T9 и T10 треба да се монтираат на тело за ладење?
- при спојување на дополнителни излезни транзистори за добивање на моќност од 300W или 500W, дали освен отпорниците од 0,22Ω/5W, кои се спојуваат меѓу емитерите и точката "S", треба да се стави и отпорник со вредност 470Ω меѓу емитерот на NPN транзисторот и точката во која се спојуваат R22 и R23 (односно меѓу емитерот на PNP транзисторот и точката во која се спојуваат R24 и R25)?
6. "Активна UHF широкопојасна антена" (ЕМИТЕР 3/98).
Не се дадени податоци за VF пригушниците. Кои се нивните вредности и како треба да се изработат?
Забелешката е во врска со објавените проекти за микроконтролери. Мислам дека проектите се премногу сложени за почетниците од оваа област, а освен тоа не е прикажана некоја нивна поконкретна примена. Би било добро доколку сте во можност да објавите поедноставни проекти, со конкретна примена во секојдневниот живот.
Однапред ви благодарам.
Александар Марковски од Скопје
1. Линијата за доцнење од Surround sound процесорот може да се искористи за добивање на популарниот ехо ефект - поточно, бидејќи станува збор за мали доцнења, за добивање на реверб или hall ефектот. За оваа намена треба да се искористат следните степени: влезниот НФ филтер (IC2a и припадните елементи почнувајќи од R9), колото за доцнење со такт генераторот (IC4 и IC3), баферот (IC5a) и излезниот НФ филтер (IC5b со припадните елементи). На влезот пред филтерот треба да се постави влезен бафер предзасилувач а исто така и на излезот (види слика). Овие засилувачи можете да ги реализирате со популарниот TL071. Потенциометарот P служи за да го врати задоцнетиот сигнал назад на влезот и така да се обезбеди повторување на сигналот. Со овој потенциометар ќе може да се регулира бројот на повторувањата односно траењето на реверб ефектот. Тримерот P1 во колото за такт (IC3) треба да се замени со потенциометар - со него ќе може да се подесува времето на доцнење од 10 до 30ms. Овие потенциометри треба да се монтираат на предната плоча на уредот.
2. И ние кога првпат ја видовме шемата на засилувачот со СТК 4191 (во книгата "Прирачник за НФ интергирани засилувачи" од Г. Динев, во издание на ЕФ "Дин" од Нова Загора - Бугарија) помисливме дека е погрешна поради истите причини кои и Вие ги наведувате. Меѓутоа бидејќи во истата книга се објавени слични шеми за други интергирани кола од СТК серијата претпоставивме дека е точна бидејќи малку е веројатно авторот и техничкиот уредник на спомнатата книга да ја повторат истата грешка неколку пати. Затоа И ние ја објавивме на барање на наш читател.
За да направиме споредба претходниве денови побаравме шема и податоци за СТК 4191 и од други книги и каталози меќутоа за чудо такви информации не најдовме на ниедно друго место, иако имаме огромна библиотека на стручна литература. Затоа додека не најдеме нови (различни) информации за СТК 4191 останува да му веруваме на Г. Динев и неговиот "Прирачник…".
3. Постојат неколку причини поради кои е одбрано мерачот на капацитивност да мери капацитет во поставените граници. Една од причините е опишана во самиот текст, а тоа е дека за мали мерни капацитивности и паразитната капацитивност доаѓа до израз и доведува до грешни резултати, додека за поголеми мерни капацитивности оваа паразитна капацитивност се занемарува. Друга причина е што самата конструкција на инструментот не дозволува да биде наменет за мерење во голем опсег како на пример од 1pF до 10µF, па затоа е одбрано ваквото ограничување на подрачјето.
4. Уредот не е предвиден да работи на централа со тонско бирање. За да се преправи потребни се суштински промени во електричното коло. Во тој случај многу е поедноставно уредот да се испроектира и изработи "од нула" отколку да се прават промени на постоечкото решение. За таков уред можеби во некој следен број.
5. Транзисторите T1, T2, T3, T7 и T8 не треба да се монтираат на ладилници. Транзисторите T4, T6, T9 и T10 се монтираат на ладилници само во верзиите од 300 и 500W, а транзисторите T5, T11, T12, T13 и T14, како и дополнителните транзистори за верзиите од 300 и 500W секогаш се поставуваат на ладилно тело. Транзисторот T5 треба да се монтира на исто ладилно тело со излезните транзистори, иако самиот воопшто не се загрева. Основната функција на овој транзистот е температурно да го стабилизира засилувачот, па од тука произлегува потребата тој да е загреан на иста температура со излезните транзистори. Транзисторите можете да ги монтирате на ладилните тела без лискунски подлошки за изолација само доколку на едно ладилно тело има само еден излезен транзистор, а ладилните тела се изолирани меѓу себе и од кутијата. Изоставувањето на дополнителни отпорници за заштита на излезниот засилувач кај дополнителните транзистори (за верзиите од 300 и 500W) воопшто не е грешка, туку заради поедноставено поврзување и ожичување на истите. Се разбира, ова поедноставување не е направено на штета на заштитата. Струјата која протекува низ звучникот, доколку се употребени впарени транзистори, се дели на еднакви делови помеѓу излезните транзистори. Според тоа, заштитата можеме да ја изведеме доколку ја мониторираме струјата која тече низ еден од излезните транзистори. Бидејќи сметавме дека најголем дел од нашите читатели ќе се најдат себеси во верзиите од 100 до 200W, плочката со печатено коло ја проектиравме за нив. Заштитата поставена само на два излезни транзистори се вклопува во ваквата определба. Доколку сте езотерик и сакате заштитата директно да ја мониторира струјата на сите излезни транзистори треба да вметнете отпорници од 470Ω (врзани како отпорниците R22-R25), само за дополнителните транзистори. Во овој случај отпорниците R17 и R18 ја менуваат својата вредност на 180Ω
за верзијата со 300W (2 дополнителни транзистори), односно на 120Ω за верзијата со 500W (4 дополнителни транзистори).
6. ВФ пригушниците се класични. Се изработуваат така што се зема ВФ јадро со должина 1,5-2cm и пречник околу 3mm. По целата должина на јадрото се намотува лакирана жица со пречник 0,5mm, во само еден слој, а од страните да останат 2-3mm.
7. Микроконтролерската техника е релативно нова гранка од електрониката. Кај нас е речиси невозможно да се набави литература од оваа област. На македонски јазик ваква литература и не постои. Од тие причини и написите и проектите за микроконтролери се многу или воопшто неразбирливи за поголемиот дел од читателите. Имајќи ги во предвид овие факти, од овој број па понатаму ќе имате можност да проследите серија написи со наслов Курс за микроконтролери. Оваа серија верувам ќе биде разбирлива и за почетници кои немаат никакво предзнаење од оваа област. Сигурен сум дека сите читатели кои редовно и внимателно ќе го следат курсот, ќе се стекнат со потребното основно знаење за микроконтролерите. На крајот од курсот за микроконтролери ќе бидат дадени и практични примери. Досегашните проекти беа претставувања на развојни системи за даден вид микроконтролери, и поедноставни и поразбирливи проекти од овие не може да се направат.
На пример развојниот систем GTALKF1 (ЕМИТЕР 3/98) се користи како основа за контролер на лифтови, а матичната плоча за MCS-51 (ЕМИТЕР 3/97) авторите веќе ја користат за програмирање на епроми, дигитално одредување на приемната и предавателната фреквенција на една статична радио станица, комуникација со чип картички и на многу други места. Употребата на микроконтролерите треба да ја сватите како дел од фантазијата и инвентивноста, а трудот вложен во запознавање на некој микроконтролер, верувајте повеќекратно ќе ви се врати.
Од Редакцијата