Засилувачи со електронски цевки

Поздрав до редакцискиот одбор, до г. С. Таневски и до г. В. Филевски!
Во секој број на ЕМИТЕР давате од сè по нешто, само што електрониката со ел. цевки воопшто не е застапена. Има само слики од такви засилувачи (Jolida, Nightingale, Cary …), но сеуште нема ништо од најавените шеми и проекти за засилувачи со електронски цевки. Би ве замолил да дадете шема за таков засилувач, без разлика на моќноста - од 50W па сè до 1kW.
Имате напишано дека засилувачите со електронски цевки можат да работат во две A класи: A1 и A2 класа. Тоа не ми е јасно, па ако сакате да ми објасните подетално.
Поздрав од
Гаврило од Тетово

Засилувачите со електронски цевки не се магично стапче со чија помош ќе добиете супер звук од вашиот Hi-Fi систем. Во повеќе наврати имаме напишано дека разликите во квалитетот на звукот меѓу засилувачите не се толку големи како што некои замислуваат (или им се слуша). Слепиот слушен тест на засилувачите Aura, Densen и Jolida и истражувањето "Моделирање на звукот на засилувачите" кои се објавени во ЕМИТЕР 6/97 јасно докажуваат дека треба да се прави разграничување помеѓу поимите разлика во звукот и разлика во квалитетот на звукот. Засилувачите со електронски цевки можат да дадат различен звук во однос на транзисторските, но тоа не значи дека мора да даваат и поквалитетен звук!
Треба да се напомене дека квалитетен звук се добива само ако сите уреди во Hi-Fi системот се квалитетни. Ова особено се однесува на звучниците. Добар звучник со просечен засилувач секогаш ќе дава поквалитен звук во однос на просечен звучник со добар засилувач.
Вашите апетити за засилувач со моќност од 1kW (!!!) се навистина претерани. На кои звучници би го приклучиле тој засилувач? Да не навлегувам во тоа колку би чинела изработката. Колку што ми е познато, постои само една компанија во светот која произведува засилувач со електронски цевки со толкава моќност: VTL (Vacuum Tube Logic). Нивниот моно-блок засилувач VTL MB-1250 дава 600W излезна моќност ако излезните електронски цевки се поврзат како триоди. Може да даде 1250W ако цевките се поврзат како тетроди, но тогаш изобличувањата се поголеми. Цената за еден пар моно-блокови VTL MB-1250 е 28.400 долари, а тежината е 150kg!!!
Ниедна друга фирма во светот не произведува засилувачи со електронски цевки со толкава моќност. Сигурно имаат добра причина за тоа – послушајте ги. За домашна употреба сосема доволна е моќност до 50W.
Цената на засилувачите со електронски цевки е многу висока, најмногу заради цената на излезните трансформатори. Повеќе странски специјализирани фирми нудат квалитетни излезни трансформатори, но нивната цена е поголема од 300 марки за еден пар (50W, push-pull). Кога ќе се додаде поштарината и царината, цената само на излезните трансформатори излегува поголема од 600 марки за еден пар. За тие пари можете да купите или самостојно да изработите многу добар транзисторски засилувач. Многу поевтино можете да пројдете ако се обидете сами да ги изработите излезните трансформатори, но во аматерски услови тоа е многу сложена работа, поврзана со многубројни проблеми (да не кажам скоро невозможна). Главен проблем се трансформаторските лимови, кои практично не можат да се најдат на слободниот пазар. Тоа се специјални лимови, потенки од оние кои се употребуваат во обичните мрежни трансформатори. Ако се употребат обични трансформаторски лимови, се зголемуваат изобличувањата и се влошува амплитудно-фреквентната карактеристика. Понатаму, примарот и секундарот кај излезните аудио трансформатори треба прецизно да се намотуваат испреплетено во повеќе секции (и до 20!), а тоа воопшто не е тривијална задача. Овие компликации се неопходни, бидејќи мрежните трансформатори се проектирани за добро пренесување само на "сигнал" од 50Hz, а излезните аудио трансформатори треба добро да го пренесуваат музичкиот сигнал од 20Hz до 20kHz.
Излезните трансформатори од некои стари гитарски засилувачи исто така не се добро решение. Тие трансформатори даваат премногу специфичен звук – одличен за гитара, но не вредат за ништо друго, бидејќи така се проектирани.
Ако и покрај наведениве проблеми не се откажавте од идејата за градба на засилувач со електронски цевки, ветуваме дека во најскоро време ќе објавиме шема на некој таков засилувач. Што се однесува до излезните трансформатори, снаоѓајте се сами.
Лично, имам во план да направам засилувач со електронски цевки, кој можеби би го објавил како проект во ЕМИТЕР, со комплетни информации за изработка на трансформаторите, но тоа ќе причека извесно (неодредено) време. Ако немате време за чекање, нарачајте го засилувачот Millennium 4-20 по цена од 170,2 англиски фунти ( order code: BJ36P, адреса: Maplin MPS, PO Box 777, Rayligh, Essex, SS6 8LU, United Kingdom). На оваа цена треба да се додаде поштарина, а на сето тоа и царина – очекувајте дека на крај ќе ве чини скоро двојно повеќе од наведената сума. Овој засилувач доаѓа во комлетна кит форма, со кутија и сите електронски цевки, и е многу лесен за составување. Во излезниот степен користи по две цевки EL 34 во push-pull спој и дава 20W синусна моќност по канал. Работи само со звучници од 8Ω и има само еден влез (доволно за CD плеер). Звукот е, велат, одличен за таа цена, но дизајнот е прилично грд за мој вкус.
Електронските цевки работат на следниов начин: Анодата е приклучена на позитивен напон, најчесто поголем од 350V. Катодата се наоѓа на нулти напон - ако се користи фиксен bias, односно на мал позитивен напон – ако се користи автоматски bias. Класата на работа, односно работната точка кај електронските цевки се поставува со доведување на фиксен еднонасочен напон на управувачката решетка (grid), кој кај класата A1 е негативен, а кај класата A2 е позитивен во однос на катодата. Катодата е зажарена и емитира електрони (негативно наелектризирани), кои се привлечени од позитивната анода, па патуваат накај неа - тоа е течење на струја. Управувачката решетка се однесува како вентил кој ја регулира таа струја. Колку што напонот на решетката расте (под дејство на влезниот сигнал), толку е поголема таа струја, и обратно. Таа струја преку излезниот трансформатор го побудува звучникот.
Ако има доволен број заинтересирани за засилувачите со електронски цевки, би можеле да започнаме серија написи на таа тема (принципи на работа, лампи, разни склопови, шеми, финти, проекти ...), па љубители на "лампашите", јавете се!
Владимир Филевски