Читател сум на ЕМИТЕР и имам едно прашање до Вас: ме интересира влијанието на отпорноста на звучниците врз оптоварувањето на засилувачите, а исто така и начините на врзување на звучниците.
Однапред Ви благодарам,
Ѕвонко via e-mail
Транзисторските засилувачи имаат многу мала излезна импеданса и се однесуваат скоро како идеални напонски извори, односно струјата I што ќе ја дава засилувачот (и која ќе минува низ звучникот) ќе зависи само од импедансата (отпорноста) на звучникот R, при ист излезен напон U од засилувачот, според Омовиот закон: I = U / R. Со други зборови, звучник со номинална импеданса од 4Ω ќе повлече од засилувачот двојно поголема струја во споредба со звучник од 8Ω, при ист излезен напон од засилувачот.
Проблемот е во тоа што некои засилувачи не се така конструирани, да можат да дадат толку голема струја, па затоа кај нив го пишува (на задната страна, кај конекторите за звучници) следново: 8–16Ω. Тоа не значи дека отпорноста на засилувачот е 8–16Ω, туку значи дека на ваков засилувач смее да се приклучи само звучник со импеданса од 8Ω (или поголема), а никако не смее да се приклучи звучник од 4Ω. Меѓутоа, ова важи само за случајот кога се пушта релативно гласна музика. Со ваков засилувач може без проблеми да се употребуваат звучници од 4Ω, но само ако не се пуштаат гласно. Бидејќи поимот "гласна музика" е премногу субјективна категорија, со огромни индивидуални разлики, сепак најдобро е да не се користат звучници од 4Ω со ваков засилувач.
Ако на засилувачот пишува 4–16Ω, тогаш на него може да се приклучи (скоро) каков било звучник. Од друга страна, звучник со номинална импеданса од 16Ω може да се приклучи на кој било засилувач.
Досега разгледуваните примери се однесуваа на случајот кога се приклучува само по еден звучник на секој канал од засилувачот. Ако треба да се приклучат по два звучника на еден канал, тогаш во предвид доаѓа само паралелно врзување – слика 1. Овде мора многу да се внимава: ниту еден од паралелно врзаните звучници не смее да биде од 4Ω! Ако се користат два звучника од по 8Ω, тогаш се добива еквивалентна импеданса од 4Ω и тогаш важат претходно објаснетите ограничувања за засилувачите. Сериско врзување на два звучника – слика 2 нема да нанесе никаква штета на засилувачот (без обзир на импедансата), но звукот ќе биде многу лош, бидејќи (приближно) двојно ќе се зголемат Qts параметрите на бас-звучниците и кај двете звучни кутии.
Некои многу ретки и многу скапи Hi-Fi засилувачи можат да работат на импеданси од 2Ω, па дури и на 1Ω, но тие се само исклучоци од правилото. Еден дел од професионалните засилувачи (за разглас) го можат тоа истото, но и нивната цена не е мала.
Владимир Филевски