Почитуван уредниче,
Вашиот лист "Емитер" го примам од првиот број (август 95 г.) до денес и имам комплетна претстава за Вашето ангажирање за опстојот на единствениот македонски лист за електроника. Со цел да придонесам, ако е можно, за истата цел, си дозволувам да ги изнесам моите забелешки.
Делумно го разбирам Вашето образложение како одговор на читателите коишто реагираат за презаситеноста на рекламите во "Емитер". Точно, - финансирањето би било неможно, но би имале компензација со поголем тираж што подразбира заинтригирање на читателите со подигање на квалитетниот селективен и актуелен приод кон темите коишто се објавуваат. Не е квалитетен избор на пример "Електронски тропкач" ("Емитер" бр.12/98 год.) - наслов без едукативна па и хумана вредност. Оваа "машина" за вознемирување би ја направиле само деца поттикнати на ирационално изживување.
Во "Емитер" бр.1 од оваа година во апликацијата "Бројач на телефонски импулси" редакцијата прави грешка, наместо интегрираното коло 4790 - декаден бројач е поставен 7447 - BCD седумсегментен декодер и драјвер. Оваа грешка не е исправена во наредниот број, а тоа резултира излишни трошоци на помалце упатените во електрониката и губење на доверба кон "Емитер" како сериозен лист.
Не можам да разберам зошто му се придава такво големо значење на темата звучници, та од првиот број на "Емитер" до последниот без исклучок се пишува за нив, божем тоа е најважната област од електрониката. Повеќе читатели со кои комуницирам го делат моето мислење дека темата е веќе банална и дека Вашата настојчивост има само комерцијална основа, што и Вас негативно ви се одрази, а воедно сум сведок на откажани пасионирани радиоаматери од Вашиот лист.
Чинам изборот на апликациите мора да биде сообразен со модерното, достапното, практичното, современото, а не секогаш се придржувате на овие принципи. Сеќавањето ме води на една апликација што случајно ја разгледав и разбрав дека беше испратена за објавување, но до денес не е објавена. Тоа беше телефонски електронски преклопник изведен со тиристори - восхитувачки просто, но генијално решение. Во тоа време објавивте таков апарат со релеа, далеку поскап и покомплициран од спомнатиот. Или друг пример објавен мултивибратор со транзистори, а наместо асиметричен мултивибратор со популарното NE555.
Ме ревнува праксата анкетите и купоните кога ги печатите директно, а не на посебен вметнат лист со цел да не се наштрбува листот, бидејќи "Емитер" не е дневен весник што се фрла по прочитувањето.
Ветувањето за објавување на проекти со лампи мислам дека е анахроно - лампите се и ќе бидат ислужена работа со повеќе музејска вредност и споредувајќи со транзисторите можат да се дадат безбројни предимства на транзисторите. Јас насочувам само на една димензија - можете ли да замислите млад радиоаматер да работи со 250V напон.
Сега една забелешка и за јазичната корекција. Јазичните норми не се правни да можат да се санкционираат, но обврзуваат зошто тие се естетско-културна категорија. Повеќепати општите именки се пишуваат со голема буква, а треба исклучително со мала (емитер, база, колектор) -кај Вас напишани Емитер, База, Колектор. Или често употребувате лоши реченични конструкции како што е во "Емитер" бр. 2 од 98г. на страница 11. Цитирам: "...на базно-емитерскиот спој со колото ICL 7107 за да истото точно ја покаже температурата...", а треба да биде: ...на базно-емитерскиот спој со колото ICL 7107 за истото точно да ја покаже температурата...
Се разбира можам да искажам и многу пофалби, но чинам дека објективната критика е поделотворна.
Поздрав со почит
Иванов Никола од Битола
(писмото го објавуваме во целост)
Веднаш на почетокот сакам да го искажам своето задоволство од тоа што сте редовен читател на ЕМИТЕР уште од првиот број. Критиките и предлозите се секогаш добродојдени, а особено од читател со толку долг стаж. Баш поради тоа што сте редовен читател очекував дека ќе бидете поконструктивни во изложувањето на своите предлози и забелешки и дека при тоа ќе ги земете во предвид објективните околности во кои ЕМИТЕР излегува, но и дека ќе ги респектирате желбите и на другите читатели.
Вие, како редовен читател, би требало да сте запознаени со тоа како функционира ЕМИТЕР, и со сите негови проблеми, како од материјална така и од организациона природа. За оваа проблематика имам пишувано во повеќе наврати па бидејќи ги имате сите броеви Ве упатувам да ги прочитате уводниците за броевите 1/95, 5/97, 6/97 и 11/98 како и оговорите на писмата во броевите 12/97, 1/98, 7-8/98 и 2/99. Ако ги земете во предвид сите објективни потешкотии и услови во кои егзистира ЕМИТЕР, верувам дека Вашите критики за неговите содржини ќе бидат, барем за нијанса, поблаги.
Втората причина поради која што сметам дека дел од Вашите критики се неконструктивни е ставањето на личниот интерес над сè останато. Неспорно е тоа дека секој читател има право да ги искаже своите желби за одредени содржини во списанието, впрочем ЕМИТЕР тоа го очекува и го бара од своите читатели, но при тоа не треба да се негираат желбите и на другите читатели. А Вие (како и некои читатели пред тоа) токму тоа го правите - искажувајќи што сакате да има сугерирате и што не треба да има во ЕМИТЕР без воопшто да земете во предвид дека постојат читатели што го сакаат баш тоа што Вие не го сакате (погледнете ги писмата на читателите во претходните броеви и резултатите од двете анкети што ги објавивме во броевите 9/96 и 10/98). Редакцијата вложува големи напори за да ги задоволи интересите на сите читатели, но мора да признаете дека е невозможно сите да бидат до крај задоволени па дури и да направиме 20 посебни изданија (ЕМИТЕР - Аудио, ЕМИТЕР- хоби електроника, ЕМИТЕР- видео, ЕМИТЕР- комуникации.....). Иако повеќе пати сум потенцирал, чувствувам потреба уште еднаш да кажам дека интересот за одредена проблематика се менува со тек на времето, па многу е веројатно дека барем дел од она што денес го сметате за неинтересно и непотребно веќе утре да Ви стане интересно и потребно. Впрочем, сетете се колку од она што Ве интересирало пред неколку години денес сè уште Ве интересира, а колку нови работи и области во меѓу време влегле во полето на Вашиот интерес.
После овој опширен, но верувам неопходен вовед еве конкретен одговор на Вашите забелешки и предлози.
1. За рекламите: Иако се сложувате дека без рекламите не е можно списанието да излегува, сепак мислите дека ако рекламите се заменат со интересни проекти и апликации тиражот ќе порасне толку што ќе ја компензира загубата. Камо среќа да е така, но за жал Вашите размислувања се само претпоставки што не почиваат на конкретни информации и анализи. Во прилог на тоа можам да ги изнесам следните факти. Во првите 2 години ЕМИТЕР содржински беше повеќе ориентиран кон електроничарите конструктори (проекти, апликации, теорија) со скромна застапеност на теми кои ја третираат електрониката од кориснички аспект, а за кои се заинтересирани луѓето што од хоби или пак професионално работат со таа техника (аудио, видео, мерна опрема итн). Во тој период ЕМИТЕР имаше многу малку реклами но и многу мал тираж. Сепак успеваше да излегува благодарение на помошта од Соросовата фондација. Кога кон крајот на 1996 година таа помош престана за ЕМИТЕР имаше само две можности - или да згасне или да ја прошири концепцијата и така да се обиде да дојде до нови читатели и спонзори. Се одлучивме за втората опција и очигледно не згрешивме - ЕМИТЕР продолжи да излегува бидејќи со проширена концепција стекна повеќе спонзори и поширок круг на читатели (тиражот сега е скоро двојно поголем одколку во 1996 година). Меѓутоа проширувањето на концепцијата и зголемениот број на реклами не значеше и редуцирање на темите наменети за електроничарите конструктори бидејќи, благодарение на подобрената финансиска состојба, ЕМИТЕР од 40 страници порасна на 56. Така читателите не изгубија ништо што пред тоа го имале, а добија нови содржини за иста цена. Очигледно дека во отсуство на било каква помош од државата иднината на списанието треба да се бара во натамошно проширување на концепцијата и зголемувањето на неговиот обем и квалитет. Само така ќе можеме да дојдеме до тираж и спонзори кои ќе бидат гаранција за натамошен опстанок и развој на ЕМИТЕР.
2. За електронскиот тропкач: Навистина, несовесните читатели оваа конструкција можат да ја искористат за ирационално изживување меѓутоа верувам дека повеќето ќе ја искористат само за да се пошегуваат со своите домашни. Добра шега никому нема да му наштети, туку напротив ќе го натера да се насмее, а такво нешто во овие тешки времиња и тоа како ни недостасува. Впрочем цела една гранка од електрониката, не случајно наречена "забавна електроника", постои само заради забава и разонода на луѓето. Факт е дека еден ваков уред може да се злоупотреби, но ако така размислуваме тогаш и секоја друга електронска конструкција може да биде злоупотребена (алармната сирена и моќните засилувачи за вознемирување на домашните и соседите, тајмерот - за активирање на темпирани бомби, радио-предавателот - за пречење на други служби итн). Значи ли тоа дека не треба да објавуваме ништо (или скоро ништо) бидејќи секогаш може да се најде некој што тоа ќе го злоупотреби.
И Вашата констатација дека електронскиот тропкач нема едукативна вредност не држи бидејќи, правејќи го, секој почетник ќе научи нешто од електрониката што во иднина ќе му користи при градба на посложени и покорисни електронски конструкции. Впрочем, повеќето електроничари така ја започнале својата кариера - изработувајќи електронски конструкции од забавната електроника. Ако изработувањето на некоја електронска конструкција (па макар таа и да е бескорисна) нема едукативна функција тогаш колкава и каква е едукативната функција на разните детски пиштолчиња, колички, клик-клак штракалки, гејмчиња и други слични играчки што родителите во изобилство им ги купуваат и подаруваат на децата?
3. За грешката во бројачот на телефонски импулси: Сосема е исправна Вашата констатација дека интегрираните кола (IC2, IC3 и IC4) во шемата на бројачот на телефонски импулси од ЕМИТЕР 1/99 се погрешно означени и дека треба да бидат декадни бројачи. Конкретно тие интегрирани кола треба да бидат декадни бројачи од типот 7490, а не како што Вие сугерирате 4790 (претпоставувам поради лапсус при чукањето на писмото). Грешката во ЕМИТЕР настанала кога под сугестија на рецензентот за тој напис, техничкиот уредник наместо да направи замена на TTL интегрираните декодери и драјвери 7446 (IC5, IC6 и IC7) со посовремените и полесно достапните 7447 тоа го направил со интегрираните кола 7490 (IC2, IC3 и IC4). Сепак оваа грешка не би требало да ги збуни дури и помалку упатените електроничари бидејки во текстот на две места е спомнато дека тие интегрирани кола се декадни бројачи од типот 7490. Во секој случај го сметам за добро тоа што укажувате на настанатата грешка бидејќи така ни помагате во нашите настојувања во ЕМИТЕР да нема грешки, а грешките што веќе настанале секогаш да бидат "покриени" со објавена исправка. Баш поради нашето настојување во објавените написи да нема грешки секој напис поминува низ најмалку две контроли и корекции, а спомнатиот напис помина дури четири такви контроли и корекции. Сето тоа ни одзема многу време и енергија, но и покрај тоа притиснати со обврските и роковите не успеваме навреме да ги елиминираме сите грешки. Сепак можам да констатирам дека во таа вечна битка со грешките постигнуваме добри резултати бидејќи повеќето странски списанија што ги добиваме во редакцијата содржат процентуално повеќе грешки отколку ЕМИТЕР. Како и да е, задоволството од ова сознание не смее да не "успие" - ние и понатаму ќе вложуваме посебни напори во објавените написи да нема грешки, а во таа насока и понатаму очекуваме помош од читателите. Впрочем една од функциите на рубриката "Писма" е и таа - размена на сопствените искуства и сознанија со читателите и соработниците на ЕМИТЕР.
4. За темата "звучници": Има две големи причини зошто темата "звучници" е редовно застапена. Првата е интересот на читателите за што пишував претходно. Ако Вас не ве интересира таа тема не значи дека не е интересна и за другите читатели. Баш напротив - за неа постои голем интерес, а доказ за тоа се резултатите од двете анкети, писмата на читателите и одзивот за тестирање на домашно изработените звучници. Втората причина за "големата застапеност" на темата звучници е што за таа област имаме соработник кој има големи познавања и професионална мерна опрема. Камо среќа вака стручни и одговорни соработници да имаме и за другите области од електрониката.
5. За изборот на апликациите и конструкторските решенија во нив: Основните принципи до кои редакцијата се придржува е објавените проекти и апликации да бидат корисни, во духот на времето но и во согласност со условите на електронскиот пазар во Македонија. Поради тоа избегнуваме да објавуваме конструкции со некои застарени елементи кои веќе не се произведуваат, како и со некои најнови и скапи интегрирани кола. Како ќе бидат решени одредени конструктивни потреби и проблеми пред сè зависи од авторот. Астабилен мултивибратор може да биде направен со транзистори, со ИК NE555, со операциски засилувач, со логички порти итн, но кое решение ќе биде применето зависи од многу фактори како на пример: напонот за напојување, бараната точност, достапноста на потребните компоненти итн. Се сложувам дека мултивибратор со ИК NE555 е полесен за изработка, посигурен и поточен меѓутоа, ако сакаме мултивибраторот да работи на напон од 3V, тогаш решението со транзистори има предност. Одлуката дали мултивибраторот ќе биде со транзистори или со NE555 може да биде и од чисто практични и економски причини - можеби авторот во својот "домашен магацин" веќе имал соодветни транзистори и не сакал да губи време и пари за набавка на ИК NE555?
Апликацијата за телефонски преклопник изведен со тиристори ја добивме по објавувањето на проектот за телефонскиот преклопник со релеи во бројот 10/97. Баш објавувањето на тој проект, како што пишува самиот автор му дало поттик да го понуди своето решение. Меѓутоа двајцата рецезенти кои го прегледуваа тој напис имаа одредени забелешки на текстуалниот дел, но и сомнеж за сигурноста во работењето на прикажаниот преклопник. Затоа побаруваме од авторот да изврши корекции и дополнувања на текстот со препорака уредот да биде практично изработен за да можеме во редакцијата да извршиме негово тестирање. Авторот сè уште ни нема испратено нова верзија на спомнатиот напис па затоа тој и не бил објавен досега. Според најава од авторот тоа можеме да го очекуваме наскоро.
6. За купоните во списанието: Се сложувам дека би било подобро ако купоните и анкетните листови бидат отпечатени на посебен лист, особено ако тоа биде на полукартон во форма на поштенска картичка. За таков зафат сме размислувале и порано, меѓутоа тоа би не чинело поскапо (заради дополнителниот ангажман на печатницата и вложената хартија) што воопшто не е за занемарување ако се земат во предвид условите во кои егзистира списанието. Сметам дека е поважно, кога тоа ќе биде можно, дополнителни средства да се вложат во додавање нови листови со содржини во списанието, а не во посебна картичка за купоните. Од друга страна, свесен дека ваквите списанија имаат потрајна вредност купоните скоро секогаш ги ставаме на лист на кој од другата страна има само реклами. Така читателите што ќе ги исечат нема да изгубат ништо од содржината.
7. За лампашките проекти и ампликации: Општо познато е, и тоа не е спорно, дека транзисторските конструкции имаат повеќе предности над лампашките. Меѓутоа во некои особини лампите сè уште се ненадминати. Кога на ова ќе се додадат и желбите на одредена група читатели, ете доволно причини ЕМИТЕР, барем повремено, да објавува написи за лампите.
Опасноста од висок напон е присутна во многу конструкции, а не само кај лампашките уреди. Затоа секогаш кога прикажаната конструкција содржи висок напон во текстот стои предупредување за конструкторот да ги преземе сите заштитни мерки. Впрочем такво предупредување редовно стои и во информациите и упатствата за конструкторите што ги објавуваме во секој број, обично на стр. 9.
8. За јазичните грешки: ЕМИТЕР уште од почетокот има ангажирано лектор (дипломиран професор по македонски јазик) кој се грижи за правилна употреба на македонскиот јазик. Нашата лекторка заедно со членовите на редакцијата има уште една задача, а таа е изнајдување на соодветни македонски зборови за стручните термини од електрониката. Фактот дека до појавата на ЕМИТЕР скоро и да не постоеја изданија на македонски јазик од областа на електрониката ги прави овие задачи многу тешки. Дополнителна потешкотија внесува скоро редовно присутниот временски теснец во кој се наоѓаме при подготовка на написите како и различните стилови и наречја со кои се служат соработниците. Затоа се случува да се провлечат некои изрази и реченични конструкции кои не се во духот на македонскиот литературен јазик. Се разбира дека во иднина ќе се трудиме такви пропусти да има што помалку, но на тоа поле ќе треба и Вие да поработите бидејќи и Вашето писмо изобилува со јазични грешки.
За крај само уште неколку редови како резиме на претходно напишаното. Редакцијата и во иднина, како и досега, ќе работи на тоа да обезбеди квалитетни и интересни написи кои ќе ги задоволат интересите на различни групи читатели, како и на тоа во објавените написи да има што помалку грешки, било стручни било јазични. Меѓутоа колку во тоа ќе успееме не зависи само од нашата желба и вложениот труд, туку и од низа објективни потешкотии за кои многу пати сме пишувале. Имајте на ум дека ЕМИТЕР не го подготвува голема професионална екипа (како што е тоа секаде во светот) туку мала група ентузијасти чиј што главен мотив не е остварениот приход туку љубовта кон електрониката. Впрочем профитот е толку мал што во некои периоди преминува и во загуба, а од друга страна вложениот труд и време огромни, така што редовно се поставува прашањето за оправданоста од натамошно излегување на списанието. Моите желби и желбите на редакцијата се скоро идентични со Вашите желби и со желбите на повеќето читатели. Меѓутоа сите заедно мора да го прифатиме фактот дека дел од тие желби во овој момент не можат да бидат реализирани, барем не онака како што се замислени. Да се надеваме дека во иднина условите ќе бидат подобри и дека ќе успееме да реализираме поголем дел од Вашите и нашите желби и планови.
Слободан Таневски