Почитувана редакцијо,
Со особено задоволство го следам списанието ЕМИТЕР уште од првиот број. Ме радува тоа што од број во број сте се подобри. Конечно се појави и комплетен проект за помладите радиоаматери, кои верувам не се во мал број. Проектот "QRP 80" ви е полн погодок. По објавените написи во претходните броеви, се надевам дека во наредниот ќе бидат поместени и завршните напомени околу распоредот на печатените плочки во кутијата на примопредавателот и изгледот на предната и задната плоча.
Се надевам дека следниве прилози ќе ви бидат од корист:
1. Ве молам повторете ги уште еднаш пресметките за дипол антена (конкретно за 80 метарско подрачје), а со тоа и конструктивните поединости на "балонот" и самата жичена антена.
2. Проект за изработка на "SWR" метар.
3. Конструктивни поединости за изработка на лажна антена од 50 оми.
4. Покрај проширувањето на фреквентниот опсег на примопредавателот "QRP 80", сигурно ќе биде интересен и модулаторот за SSB комуникцијата (покрај постоечкиот CW начин на работа).
5. Мислам дека е време за една квалитетна шема за електронски тастер за морзеова азбука. Ретко кој од младите аматери би работел "рачно", а ова е згодна прилика за еден интересен проект.
6. Можеби крајните напомени околу потребата за зачленување на младите електроничари во радиоаматерските клубови во Македонија би бил најдобриот начин да го заокружите проектот "QRP 80". Начинот на добивање на личен знак и потребните предуслови за тоа би биле во функција на едукација и би придонеле при мотивирањето на многу од вашите читатели.
Се надевам дека вашиот соработник, г-динот Добре Блажевски-Доц добронамерно ќе ги сфати моите сугестии и дека ќе направи напор нив да ги обработи. Со тоа мислам дека проектот ќе биде целосен.
Со поздрав,
Горан Трајановски од Скопје
Почитуван г-дине Трајановски,
Најнапред благодарам за пофалните зборови за списанието ЕМИТЕР.
Потполно се сложувам дека не е мал бројот на радиоаматерите, но и на оние кои имаат било каков интерес за радио техниката воопшто. Серијата натписи околу QRP 80, се само почеток од она што редакцијата на списанието ЕМИТЕР го подготвува за наредниот период. Во врска со вашите предлози:
1. После серијата написи за комплетна QRP PPS за 80m, изоставувањето на конструкција на дипол антена (конкретно за 80-метарското подрачје) би бил вистински апсурд. Во наредните броеви во списанието ЕМИТЕР (во скора иднина) ќе бидат објавени конструкции и опис на разни видови на антени, меѓу кои и конструкција на дипол за кои вие прашувате. Тоа ќе опфати и разни пресметки, прилагодувања, градење на "балон" за прилагодување и сл.
2. и 3. Градењето на предавателни уреди со поголеми излезни моќности (посебно нивното прилагодување) не може да се замисли без мерач на стојни бранови (SWR метар). Истото се однесува и на лажната антена со импеданса од 50Ω. Младите конструктори од секогаш ги интересирале токи-воки уреди, разни уреди за далечинска контрола, мали радио попречувачи и сл. Обично тоа се уреди со многу мали излезни моќности, нивната градба е поедноставна и не бара многу мерна опрема. Меѓутоа кога станува збор за радио уреди со поголеми излезни моќности од наведените, уреди во кои се употребуваат елементи осетливи на разни температурни влијанија, неопходна станува употребата на соодветна мерна опрема. Нашата идеја беше да објавиме уред кои ќе биде едноставен за изработка, уред кои ќе ги опфати основите на радио конструкторството со кои младите конструктори претходно веројатно се немаат сретнато, а во исто време и да се објасни неопходноста од примената на разни мерни уреди. Како што веќе можевте да забележите, начинот на нивната примена воопшто не е сложена постапка. Сметавме дека на овој начин уште повеќе ќе ја зголемиме љубопитноста кај младите конструктори, со крајна цел потрага по повеќе знаење и искуство. Во наредните броеви, ЕМИТЕР ќе објави написи за лажни антени и SWR метри за мали и поголеми моќности, како и разни други прирачни мерни уреди кои биле или ќе бидат спомнати во ЕМИТЕР.
4. Модулатори за SSB, поточно LSB и USB модулација исто така ќе бидат објавени во наредните броеви на ЕМИТЕР. Телеграфскиот предавател беше обработен бидејќи предавателите за телеграфија се наједноставни за изработка. За разлика од нив SSB модулаторите имаат повеќе филтри, повеќе осцилаторни кола и тие ќе бидат посебна тема на обработка. Се разбира дека нема да заборавиме на нашиот мал уред за 80m.
5. Што се однесува до електронските тастери, нив ги има од најпрости (со NE555), па се до оние изградени со микропроцесори, можност за мемории, автоматско генерирање на морзеови знаци и сл. Во ЕМИТЕР ќе бидат објавени неколку интересни проекти за електронски тастери.
6. Мислам дека нашиот соработник Владо Ковачески (Z32KV), во некој од наредните броеви ќе има посебно задоволство да ја разоткрие радиоаматерската организација кај нас со комплетните нејзини активности (за некои од нив веќе има пишувано во ЕМИТЕР), што би ги опфатило и условите за добивање личен повикувачки знак, дозвола за поседување на лична радиоаматерска станица и сл.
На крај во врска со завршниот проект на QRP 80, би ви потенцирал дека распоредот на плочките во кутијата е ист со оној прикажан на слика 6 во ЕМИТЕР 9/99. На истата слика дадени се компонентите кои се прицврстуваат на предната плоча на кутијата во која ќе биде сместен комплетниот уред. Кутијата треба да биде од метален (проводен) материјал (ги има по нашите продавници за електронски делови во разни димензии). Плочките во кутијата треба да се механички добро прицврстени. Добро би било помеѓу плочката од VFO-то и останатите плочки да постои преграда од тенок лим. Кутијата треба да е заземјена кога уредот ќе биде во функција, заради соодветна заштита (удари на гром и сл.), за што посебно ќе пишуваме во ЕМИТЕР. На задната плоча на уредот доволно е да биде поставен конекторот за антенскиот кабел (препорачувам SO-239), како и кабелот за напојување на уредот. Би препорачал кондензаторот C2 на VFO-то да биде со било каков пренос, со цел прецизно шетање долж аматерскиот банд. Може да се искористи и систем за пренос од постарите радио приемници (оној со конец). Како што може да се види од слика 6, за уредот е употребен надворешен извор за напојување од +13V. Тоа е со цел да се избегне пробивање на RF пречки во исправувачот за напон, односно можност за употреба на не толку квалитетен извор на напојување.
Се надеваме дека успеавме да ја задоволиме вашата љубопитност, а вашето писмо е само добар знак дека сме успеале во нашата цел. Би ги ценеле вашите предлози како и предлозите на сите останати читатели во иднина. Ви посакуваме успешна градба и многу радио врски.
Добре Блажевски –Доц