Трансформатор за двоен извор на напон

Здраво почитувана редакцијо!
Ја поздравувам целата редакција на списанието ЕМИТЕР. Се викам Велков Баже, имам 16 години и ученик сум во ЕМУЦ "Коле Неделковски" од Велес, по струка електроничар. За почеток големи пофалби за списанието. Читател сум веќе две години и можам да кажам дека списанието е одлично.
Имам некои прашања и желби.
1. За двојниот извор на DC напон објавен во ЕМИТЕР 4/97 се користи трансформатор со одвоени секундарни намотки како што е прикажано на цртежот под а). Дали можам да употребам трансформатор со поврзани секундарни намотки како на цртежот под б).
Дали може да употребам трансформатор со поглем секундарен напон и струја со цел на излез да добијам поголем напон и струја. Ако е можно, во кои граници можам да го сторам тоа, односно кој е максималниот напон и струја што можам да го употребам без да го оштетам колото.
Би сакал да ја регулирам излезната струја, па сакам да ми дадете шема на некој уред со кој тоа ќе можам да го направам.
Дали може двете кола да се поврзат во серија за да се добие поголем напон? Не ми е јасно како се користи симетричното напојување, би сакал да ми го објасните тоа. Мојата куќа нема заземјување, па дали можам заземјувањето да го поврзам на водоводна цевка.
2. Сакам да ја објавите шемата за предавателот од CB радиостаницата "ATOM 3 IC", како и комплетен проект за градба на многу популарниот рачунар во поранешна Југославија, ZX 81. Исто така би сакал да објавувате повеќе проекти, апликации и текстови во врска со компјутерската техника.
Сакам да објавите една серија написи под заедничко име "Почетен курс по радиоаматеризам" и да ми ги кажете имињата на странските списанија на српски, хрватски, словенски, англиски и др., што можат да се најдат во Македонија.
За крај ви посакувам голем успех во иднина, да ја проширите својата издавачка дејност со издавање на книги и брошури. Но, не заборавајте, списанието секогаш да ви биде во прв план.
Поздрав од Баже Велков од Велес

Благодарам за пофалните зборови за ЕМИТЕР. Еве одговор на Вашите прашања и предлози.
1. Во проектот за двојниот извор на DC напон објавен во Е4/97 се користи трансформатор со одвоени секундарни намотки со цел двата извори да бидат независни еден од друг. На тој начин секој од нив може да напојува посебно коло (со различен напон и струја), а по потреба можат да се поврзат редно за да се добие поголем напон (слика 1.а) или пак или пак симетрично за да се добие симетричен напон (слика 1.б). Симетричниот напон се состои од два напона со иста вредност, а спротивен поларитет кои имаат заедничка маса. Таквиот напон се обележува на пример со 2x15V или ± 15V. Со симетричен напон работат многу електронски кола (на пр. операциски засилувач) и при тоа се добиваат подобри карактеристики отколку со обичен единечен напон. Буксната за заземјување на изворот на напон не треба да се спојува на посебно заземјување туку на проводникот за заземјување (жолто - зелениот) од трожилниот мрежен кабел. На другата страна тој проводник треба да биде поврзан на приклучокот за заземјување на шуко утикачот. Во врска со ова консултирајте се со некој поискусен електроничар, а прочитајте го и написот "Сигурносни мерки при градба на електронски уреди" од ЕМИТЕР 12/97. Најголемата вредност на напонот и струјата на трансформаторот за споменатиот проект од ЕМИТЕР 4/97 е 30V/1,5A. Оваа вредност е одредена од можностите на интегрираното коло LM317, но сепак наша препорака е да не одите до крајната граница. Ако максималниот излезен напон од 15V за колку што е предвиден споменатиот извор Ви изгледа малку тогаш употребете трансформатор со секундарен напон од 21V/1,5A. Во тој случај максималниот излезен напон ќе биде 25V и него ќе го нагодите со помош на тример потенциометарот P2. Обрнете внимание и на кондензаторите - тие во овој случај треба да бидат за напон од 23V или повеќе. Што се однесува до регулацијата на струјата - таква можност прикажаната шема нема, но ја има на пример изворот прикажан во Е10/99. За да нема забуни да појаснам - кај изворите на DC напон потенциометарот означен со "I" не врши регулација на излезната струја туку со него се нагодува вредноста на струјното ограничување, т.е. вредноста на струјата при која изворот ќе го симне својот излезен напон на приближно 0V и така ќе се заштити себе и уредот што од него се напојува.
2. Предлогот да објавиме серија написи или брошура за почетници во радио-аматеризмот како и информации за странските списанија за електроника е интересен и се поклопува со размислувањата на редакцијата, па затоа очекувајте ги во некои од следните броеви. Шемата на примопредавателот ATOM 3/C е објавена во списанието SAM на почетокот на 80-тите години и сметаме дека е непотребно ЕМИТЕР повторно да ја објавува. Ние планираме во скора иднина да понудиме свој проект за CB примопредавател. Компјутерот ZX81 е одамна надминат па затоа сметаме дека е непотребно да објавиме проект за негова самоградба, меѓу другото и заради тоа што деловите за него ќе чинат колку и еден половен PC 386 или 486 кој е со илјада пати подобри перформанси од споменатиот ZX81.
Слободан Таневски