Пред сè, сакам да му се заблагодарам на Владимир Филевски за исцрпниот одговор околу бас кабинетот, кој многу ми помогна. Во врска со ЕМИТЕР немам некои поголеми забелешки - тамам да ве искритикувам, најпријатно ќе ме изненадите со следниот број. Имам Marshall JCM-800 100 W и бидејќи за во гаража е многу гласен (кога го дава оној Marshall звук), сакав да го направам 50 W. Ми кажаа дека за да се направи 50 W требало само да се извадат средните две (излезни) ламби и да се намести на 8 ома (звучникот е 16 ома) и никаков биасинг не е потребен. Го направив тоа, но некако не ми беше баш како што треба звукот, некако како да се гушеше и ја немаше онаа дефиниција како претходно. Каде може да е проблемот? Колку треба да биде биасот на излезните ламби (30-40 mA)?
Однапред благодарам,
Илија Ивановски
Секоја модификација на фабрички засилувач резултира во звук кој нема да биде ист со оној оригиналниот, така што проблем, всушност, нема! Но, не ми е јасно што мислите под "никаков биасинг не е потребен"? Биасот не смее да биде нула! А ако сте мислеле на "никаква промена на биасинг не е потребна", тогаш, да: ако биасот се остави на истата, оригинална вредност, точно е тоа дека ќе се добијат (помалку од) 50 W со вадење на две излезни ламби и преспојување на 16-омскиот звучник на 8-омските изводи од излезниот трансформатор. Но, звукот нема да биде ист! Зошто? Затоа што импедансата на влезот на примарот од излезниот трансформатор ќе биде двојно поголема (бидејќи две излезни ламби се извадени), а бројот на навивките на примарот останал ист! Навистина, во тој случај може да се добие приближно прилагодување на импедансите ако 16-омскиот звучник се приклучи на изводите "8 ома" од секундарот на излезниот трансформатор, но сепак тоа не е она вистинското. Поголемата импеданса си бара повеќе навивки на трансформаторот, кои во конкретниов случај ги нема! Вие се обидувате да приклучите двојно поголема импеданса (двете ламби, наместо четири) на намотката на примарот, а исто така и двојно поголема импеданса (звучник од 16 оми) на намотката од 8 ома на секундарот, но тие намотки немаат доволен број на навивки за да се добие вистинско прилагодување. Решение? Вратете ги двете излезни ламби, нагодете го биасот да биде 35 mA, наместете го копчето Volume на потивко, додадете малку повеќе bass и treble, па распалете Rock&Roll. Вистина, тој звук нема да биде идентичен со оној при полна јачина, но за вежбање ќе биде доволно блиску. Излезните ламби треба да бидат "усогласен квартет" (matched quartet), односно со еднакви измерени карактеристики, бидејќи не постои посебен биас за секоја ламба посебно!
Не обидувајте се вашиот засилувач од 100 W на сила да го направите 50 W, бидејќи разлика меѓу 100 W и 50 W е само 3 dB, што претставува навистина мала разлика во максималната јачина на звукот. Тие што Ви ја предложиле модификацијата најверојатно не го знаат тоа.
Владимир Филевски