Здраво ЕМИТЕР!
Како ваш редовен читател сакам да ви посакам уште многу години успешна работа.
Имам неколку прашања за господинот Блажевски, кои се однесуваат на еден негов проект од ЕМИТЕР број 7-8/03, поточно се работи за GP - антената.
Би сакал да ми одговорите:
1. Која е максималната снага на која може да работи антената (мислам на снагата на предавателот)?
2. Дали дијаметарот на радијаторот и радијалите може да се зголеми и како тоа ќе влијае на импедансата и работата на антената на саканата фреквенција?
3. Од пракса сум забележал дека елементите (радијаторот и радијалите) кај предавателните антени се изработени од алуминиум, но во текстот имате напомнато дека поради "атмосферските влијанија елементите треба да се направени од челична жица која не оксидира", Јас мислам дека користењето челична жица може да резултира со зголемена рефлексија при работата на антената!?
4. На кој начин може да се измери или пресмета импедансата на антената?
5. Од каде е добиен број "7132,32" во формулата за пресметување на должината на елементите?
Тоа е сè што се однесува на антената, а сега две прашања и за проектот "РЕКЛАМНО СВЕТЛО" од истиот број на ЕМИТЕР:
6. Мислам дека програмата за PIC-от може да се продолжи и да работи со повеќе од 5 излезни порта. Ако е тоа можно би сакал да ми го пратите HEX фајлот од продолжената програма за 6 и сите излезни порта. И ако може да ми кажете во кој програмски јазик ги пишувате програмите за "PIC" проектите, дали во Paskal, C или некој друг или во асемблер за PIC?
Поздрав и уште многу успешни проекти
Мики Ристовски - Велес

Благодарам за вашиот интерес и прашањата.
Претпоставувам дека вашите прашања во врска со GP-антената се однесуваат на GP-антената за практична градба од слика 9 во Е7-8/03.
1. Максималната снага на која може да работи антената зависи од тоа колкава ќе биде нејзината импеданса изработката. Имено, антената нема да има ист SWR при снага од 5W и снага од 25W. Со зголемувањето на снагата на предавателот ќе се зголеми и SWR за дадената фреквенција. Максималната снага на која јас ја имам користено е 35W. Повеќе од 50W не би препорачал од практични причини.
2. Секако дека може да се зголеми, но тоа дефинитивно ќе влијае (согласно дадениот текст во написот во ЕМИТЕР) на импедансата на антената, односно на нејзината резонантна фреквенција. Доколку тоа го направите ќе мора експериментално да ја нагодувате антената (должината на нејзините елементи) со употреба на SWR-метар.
3. Секој спроводен материјал има свои карактеристики (почнувајќи од спроводливоста). Тие карактеристики ќе придонесат со своето влијание на крајните карактеристики на антената. Тоа во прв план би значело подолги или пократки елементи, ваква или онаква импеданса итн. Сепак, на ова прашање нема да можам да ви дадам конкретен одговор, бидејќи не можам да разберам што сакате да кажете со тоа дека ќе има "зголемена рефлексија при работа на антената". На каква рефлексија мислите? GP-антената е антена со кружно зрачење. Дали можеби мислите на нејзината насоченост при зрачењето или на SWR факторот? Што се однесува до материјалот, антената можете да ја направите и од алуминиум.
4. Постојат повеќе методи за мерење на импедансата на антената. Тука би ги споменал методата со деривација на SWR, методата со користење на RF импедансен мост, техниката со три волтметри, директни мерења итн. Како и да е, нивната теорија бара малку подолг текст отколку овој што ви го пишувам сега. Денеска постојат многу евтини инструменти за мерење на импеданса што може да се најдат на пазарот.
Појдете на веб-страницата на MFJ (http://www.mfjenterprises.com) за да добиете претстава за што ви зборувам. Од изложеното во текстот за GP антената ќе забележите дека вредностите на елементите се добиваат со мерење при разни експериментирања. За да функционира вашата антена беспрекорно битно е да го нагодите SWR-от. SWR-метарот е поевтин од мерачот на импеданса, а можете и самите да го изработите (како наш редовен читател тоа сигурно ви е познато). Некогаш, потребната импеданса на антената многу тешко се добива. Потребно е многу експериментирање. Поентата е да се добие импеданса колку што е можно поблиску до онаа потребната, т.е. колку што е можно помал SWR. Малиот SWR значи дека антената има импеданса каква што е потребна. Како што е предложено во текстот, поставете малку подолги елементи и почнете со кратење следејќи го односот на стојните бранови. Доколку немате SWR-метар, придржете се до димензиите дадени во текстот и нема да имате големи проблеми.
5. Вредноста ја дава конструкторот на антената, а е добиена по пат на експериментирање и се однесува за димензии коишто се наведени во текстот.
6. Сосема сте во право. Употребениот PIC може да работи со сите излези. HEX датотеката за 5-те порти е достапна на Интернет-страницата објавена во ЕМИТЕР. За да се искористат сите порти или 6 како што вие споменувате, програмата треба да се доработи. Во моментов тоа не можам да го направам, бидејќи работам на други проекти. Можеби во блиска иднина. Штом тоа ќе го направам ќе биде објавено во ЕМИТЕР и програмата ќе ви биде доставена.
Програмите за микроконтролерите се пишувани во Асемблер.
Добре Блажевски-Доц


Во брошурата од Миле Серафимовски "Микрофони" која беше додаток во последниот број на ЕМИТЕР ме заинтересираа микрофоните со голема насоченост (глава 5.7). Ме интересира нешто поконкретно за изработка на цевката и нејзиниот облик и форма за едноцевен микрофон со отвори и со процеп. Не е кажано процепот или отворите дали се од едната или од двете страни? Ако имате нешто поконкретно како скица, макар и со слободна рака, ве молам да ми испратите, иако добро би дошло некое покомплетно решение.
Поздрав,
Јован Димоски

Брошурата Микрофони е пишувана за корисници на микрофони; конструктивните елементи се наведени само колку заради основно познавање и принципите на работа. Навлегување во конструкциските детали би барало обем од многу повеќе страници од нашата брошура.
Цевката, секако, треба да биде од немагнетен материјал, а нејзиниот облик е по ваш избор; најчесто се среќава кружна. Процепите може да бидат правоаголни или кружни, а нивните димензии не играат клучна улога ако се прифатливо мали (ред на неколку милиметри). Надолжниот процеп покажува во однос на правоаголните или кружните отвори дека се работи практично само за естетски причини, иако, теориски гледано, може да се зборува за дискретност на поларната карактеристика кај цевката со отвори, што нема никакво значење за практиката.
Процепите се ставаат симетрично од двете страни долж цевката за да се обезбеди симетрична поларна карактеристика; во принцип би можело да се користи варијанта со отвори само од едната страна, со тоа што поларната карактеристика ќе биде несиметрична, што би била корисна за некои специјални случаи.
Миле Серафимовски


Пред сè, сакам да му се заблагодарам на Владимир Филевски за исцрпниот одговор околу бас кабинетот, кој многу ми помогна. Во врска со ЕМИТЕР немам некои поголеми забелешки - тамам да ве искритикувам, најпријатно ќе ме изненадите со следниот број. Имам Marshall JCM-800 100 W и бидејќи за во гаража е многу гласен (кога го дава оној Marshall звук), сакав да го направам 50 W. Ми кажаа дека за да се направи 50 W требало само да се извадат средните две (излезни) ламби и да се намести на 8 ома (звучникот е 16 ома) и никаков биасинг не е потребен. Го направив тоа, но некако не ми беше баш како што треба звукот, некако како да се гушеше и ја немаше онаа дефиниција како претходно. Каде може да е проблемот? Колку треба да биде биасот на излезните ламби (30-40 mA)?
Однапред благодарам,
Илија Ивановски

Секоја модификација на фабрички засилувач резултира во звук кој нема да биде ист со оној оригиналниот, така што проблем, всушност, нема! Но, не ми е јасно што мислите под "никаков биасинг не е потребен"? Биасот не смее да биде нула! А ако сте мислеле на "никаква промена на биасинг не е потребна", тогаш, да: ако биасот се остави на истата, оригинална вредност, точно е тоа дека ќе се добијат (помалку од) 50 W со вадење на две излезни ламби и преспојување на 16-омскиот звучник на 8-омските изводи од излезниот трансформатор. Но, звукот нема да биде ист! Зошто? Затоа што импедансата на влезот на примарот од излезниот трансформатор ќе биде двојно поголема (бидејќи две излезни ламби се извадени), а бројот на навивките на примарот останал ист! Навистина, во тој случај може да се добие приближно прилагодување на импедансите ако 16-омскиот звучник се приклучи на изводите "8 ома" од секундарот на излезниот трансформатор, но сепак тоа не е она вистинското. Поголемата импеданса си бара повеќе навивки на трансформаторот, кои во конкретниов случај ги нема! Вие се обидувате да приклучите двојно поголема импеданса (двете ламби, наместо четири) на намотката на примарот, а исто така и двојно поголема импеданса (звучник од 16 оми) на намотката од 8 ома на секундарот, но тие намотки немаат доволен број на навивки за да се добие вистинско прилагодување. Решение? Вратете ги двете излезни ламби, нагодете го биасот да биде 35 mA, наместете го копчето Volume на потивко, додадете малку повеќе bass и treble, па распалете Rock&Roll. Вистина, тој звук нема да биде идентичен со оној при полна јачина, но за вежбање ќе биде доволно блиску. Излезните ламби треба да бидат "усогласен квартет" (matched quartet), односно со еднакви измерени карактеристики, бидејќи не постои посебен биас за секоја ламба посебно!
Не обидувајте се вашиот засилувач од 100 W на сила да го направите 50 W, бидејќи разлика меѓу 100 W и 50 W е само 3 dB, што претставува навистина мала разлика во максималната јачина на звукот. Тие што Ви ја предложиле модификацијата најверојатно не го знаат тоа.
Владимир Филевски